Утрински Весник
Свет

Американски затвореник не сака врз него да се тестира нов метод на егзекуција

Американски затвореник не сака врз него да се тестира нов метод на егзекуција

Еден осуденик на смрт од Алабама не сака да биде првиот човек што ќе биде погубен со азот. Новиот метод на егзекуција со азотна хипоксија предизвикува смрт принудувајќи го затвореникот да дише само азот лишувајќи го од кислород. Властите во Алабама сакаат да го погубат Кенет Смит користејќи го овој метод, но адвокатите на затвореникот тврдат дека тој не треба да се користи како тест.

dobivaj vesti na viber

Адвокатите на Смит тврдеа дека државата објавила малку информации за тоа како ќе функционираат егзекуциите со азот нарекувајќи го методот недокажан. Азотната хипоксија е одобрена за употреба во три американски сојузни држави, но сè уште не е користена при егзекуции.

Азотот сочинува 78 % од воздухот што луѓето го дишат и е безопасен кога се дише со соодветна количина кислород. За време на егзекуцијата, на затвореникот ќе му биде ставена маска на лицето и ќе му се замени воздухот со азот додека не му застане срцето.

Поддржувачите на новиот метод сугерираа дека тој ќе биде безболен, но противниците се убедени дека се работи за човечко експериментирање. Трип Питман, поранешниот сенатор на државата Алабама, кој го предложи новиот метод на егзекуција, ги оспори критиките дека методот бил експериментален.

Тој посочи дека иако ниту една држава не ја спровела смртната казна со азот, луѓето умреле при вдишување азот при индустриски несреќи и обиди за самоубиство, така што ефектите се познати. Адвокатите на Смит рекоа дека тој „веќе поминал низ еден неуспешен обид за егзекуција“ во ноември кога државата се обидела да го убие со смртоносна инјекција.

Смит беше осуден за убиство на Елизабет Сенет во 1988 година. Обвинителите тврдеа дека Смит бил еден од двајцата мажи што платиле по 1.000 долари за да ја убијат Сенет во име на нејзиниот сопруг, кој бил длабоко во долгови и сакал да наплати од осигурувањето.

Можете да прочитате

Кендал: Земјите-членки на НАТО се вовлечени во „скриена кибервојна“ со Русија

Најмалку шест луѓе загинаа во вооружен инцидент во дискотека во Мексико

Песков: Бајден ги саботира мировните планови на Трамп за Украина