Владата на САД објави дека уште еден наводен „кинески шпионски балон“ лета над територијата на Латинска Америка.
Откако американските воени претставници вчера објавија дека сомнителен кинески „балон за набљудување“ бил забележан како лета над државата Монтана, портпаролот на Пентагон, генералот Пет Рајдер, во петокот вечерта за Фокс њуз изјави дека уште еден кинески шпионски балон лета над Латинска Америка.
Висок претставник на одбраната рече дека американската влада размислувала да го собори балонот, но одлучила да не користи воена сила поради потенцијалните ризици.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи во петокот изјави дека балонот бил цивилен и се користи за метеоролошки и други научни цели и дека непланирано скршнал од предвидениот курс.
Пентагон не верува дека се работи за метеоролошки балон кој излета од курсот.
Ова беше намерно, рече Рајдер, истакнувајќи дека балонот полетал од континентална Кина.
Рајдер им рече на новинарите дека балонот најверојатно ќе лебди над воздушниот простор на САД неколку дена.
Балонот е виден над Канзас Сити, Мисури во петокот.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја откажа претходно планираната посета на Кина поради откривањето на кинескиот балон.
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека летот на кинески балон над САД наводно бил предизвикан од виша сила, обвинувајќи ги американските политичари и медиумите дека ја искористиле ненамерно предизвиканата ситуација за да го дискредитираат Пекинг.
– Кина секогаш строго се придржувала до меѓународното право и го почитувала суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји – се наведува во соопштението на кинеското Министерство.
Во соопштението се посочува дека, по актуелните настани, Пекинг и Вашингтон не ја најавија претходно планираната посета на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Кина и дека најавите на САД се нивна работа и дека Пекинг тоа го почитува, пренесе Ројтерс.