Напорите на САД за испорака на помош во Појасот Газа се стопирани откако привремениот пловечки док изградеа од американската војска беше оштетен од разбрануваното море, објави Пентагон, пренесоа денеска агенциите.
Пристаништето од 320 милиони долари е изградено за да обезбеди дополнителна рута за испорака на помош по море за да стигне до гладните Палестинци и да се олесни хуманитарната катастрофа.
Помошта почна да се доставува преку тоа пристаниште пред две недели.
Сега тие напори се стопирани најмалку една недела.
Сабрина Синг, заменик-секретар за печат на американското Министерство за одбрана, изјави за новинарите дека разбрануваното море и „северноафриканскиот временски систем“ предизвикале дел од пристаништето да се одвои во вторник наутро.
Мобилното пристаниште ќе биде извлечено на брегот и префрлено во израелскиот град Ашдод каде што ќе го поправа Централната команда на САД.
Синг рече дека по реконструкцијата и поправката, пристаништето повторно ќе биде закотвено на брегот на Газа и дека потоа ќе продолжи испораката на хуманитарна помош до луѓето на кои им е најпотребна.
Белата куќа тврди дека пристаништето е сè уште добра дополнителна рута за доставување помош.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, изјави за новинарите дека нема намера да биде замена за она што може да се направи на копно со камиони и отворање на премини.
„Рековме дека ќе биде тешко, а беше тешко. Времето игра улога. Мајката природа има рака овде и во источниот Медитеран, дури и во лето може да биде „прилично грубо“ место и тоа се случува во моментов. “, рече Кирби, додавајќи дека досега се испорачани илјадници метрички тони помош само преку тоа пристаниште.
Пристаништето е отворено пред две недели, а штетата најверојатно ќе ја искористат критичарите на американскиот претседател Џо Бајден за да го означат како фрлање пари на даночните обврзници, коментира дописникот на Гардијан. Во март, Бајден ја најави изградбата на пристаништето за да ги олесни израелските ограничувања за испорака на помош.