
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, оствари тет-а-тет средба со амбасадорката на САД во земјава, Н.Е. Анџела Прајс Агелер, по што следуваше и работен состанок со судиите на Уставниот суд: проф. д-р Осман Кадриу, Насер Ајдари, Добрила Кацарска, м-р Татјана Васиќ Бозаџиева, проф. д-р Јадранка Дабовиќ и проф. д-р Ана Павловска-Данева.
Претседателот Костадиновски ја информираше амбасадорката Агелер за приоритетите во неговиот мандат и за внатрешните и надворешните предизвици со кои се соочи Уставниот суд. Тој нагласи дека Судот засилено работи на враќање на довербата во владеењето на правото преку транспарентност и судски активизам.
„Судот во овој капацитет преку активностите кои се преземаат за поголема одлучност и бескомпромисност во постапувањето, надополнети со транспарентност и судски активизам работи засилено на враќањето на довербата во владеењето на правото и зголемување на довербата на граѓаните во Уставниот суд“, истакна Костадиновски.
Тој објави дека Судот се подготвува за целосно снимање и пренесување во живо на подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците, со цел граѓаните да можат директно да ги следат одлуките.
Амбасадорката Агелер ја изрази поддршката од САД за враќање на довербата во правната држава преку транспарентни постапки и одлучување според Уставот и законите. Таа ги охрабри судиите да одолеваат на било какви влијанија и притисоци и да постапуваат како независни уставни судии.
Судиите ја поздравија долгогодишната поддршка од САД за владеење на правото. Судијата проф. д-р Павловска-Данева истакна дека е потребна поддршка за снимање на седниците на кои се дискутираат случаите, нагласувајќи ја важноста на транспарентноста.
Работната средба се одржа на 6 март во просториите на Уставниот суд.