Француската агенција за заштита на податоци CNIL денеска објави дека го казнила Амазон со 32 милиони евра поради „прекумерен наметлив“ надзор што се користел за мерење на перформансите на вработените.
Вработените во логистичкиот центар на Амазон во Франција беа следени првенствено преку скенери што ги користеше персоналот за обработка на пакети, според CNIL, објави Франс 24. Скенерите ги предупредувале шефовите за неактивност која траела повеќе од 10 минути, како и за пребрзо ракување со предметите, а Амазон го следеше и времето од влегувањето на вработените до моментот кога тие почнуваат со работа.
Работниците не биле соодветно информирани за надзорот, а Амазон ги чувал нивните работни податоци 31 ден. Францускиот регулатор верува дека надзорот на Амазон е во спротивност со Општата регулатива за заштита на податоците на Европската унија (GDPR), која наметнува строги правила за компаниите да добијат согласност за тоа како се користат личните податоци.
Портпаролот на Амазон не се согласува со оваа одлука, бидејќи смета дека споменатиот систем за следење е неопходен „за да се гарантира безбедноста, квалитетот и ефикасноста“ на работата и не ја отфрли можноста за жалба.