Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз се пласираше во полуфиналето на Мастерсот во Мајами, откако по два сета со 6:4, 6:2 го совлада десеттиот светски играч Тејлор Фриц.
Тенисерот број еден во светот победи по еден час и 19 минути.
Алкараз трипати освои брејк на сервисот на Фриц, кој не успеа ниту еднаш да возврати. Младиот Шпанец сега има 18 победи и само еден пораз во 2023 година.
Шпанецот во полуфиналето ќе игра против Италијанецот Јаник Синер. Во второто полуфинале ќе играат руските тенисери Данил Медведев и Карен Хачанов.
Во женска конкуренција во финалето се пласираше Казахстанката Елена Рибакина која со 7:6, 6:4 ја совлада третопласираната тенисерка во светот, Американката Џесика Пегула.
Во меч кој двапати беше прекинат поради дожд, седмата тенисерка во светот победи за еден час и 54 минути. Во првиот сет тенисерките направија по три брејка и се играше тај-брејк кој Рибакина го доби со 7:3 на поени.
Пегула подобро го започна вториот сет, поведе со 3:0 и со 4:2, но Рибакина потоа освои четири последовни гема и стигна 13. победа по ред.