
Министерот за здравство, Азир Алиу, синоќа се обрати на отворањето на 10. конгрес на Македонско стоматолошко друштво, на тема „Иднината на совршеност во стоматологијата: уметност на науката, знаењето и вештините“.
– Јас не сум лекар – јас сум инженер, токму тоа ме научи здравството да го гледам како комплексен систем: со елементи кои мора да функционираат поврзано, со транспарентност, ред и доверба. Систем во кој нема место за импровизации и каде не се прифатливи компромисите на штета на пациентот. Во светот, стоматологијата оди напред со невидено темпо: вештачката интелигенција, роботиката, дигитализацијата и телемедицината целосно го менуваат начинот на кој му се служи на пациентот. Иднината е веќе тука – и ние имаме обврска да бидеме дел од неа, порача министерот Алиу.
Во своето обраќање, тој истакна дека за бидеме дел од таа иднина, мора да ги изградиме темелите врз професионализам, интегритет и одговорност. Конгресот е доказ дека нашите стоматолози имаат волја и капацитет да постават нови стандарди, да ја освојат и задржат довербата на граѓаните и да бидат активен дел од здравствената трансформација што се одвива во земјата.
Како министер за здравство, сакам да истакнам дека нашиот пат е јасен – никаков компромис кога станува збор за квалитетот на здравствената грижа и довербата на граѓаните. Ќе ја поддржиме стоматологијата со политики кои ќе го стимулираат образованието, иновацијата и транспарентноста. Само така можеме да изградиме силен и правичен систем за сите, истакна министерот Алиу.