Инвестирањето во образованието е приоритет на секоја држава. Државите што не преземаат смели и радикални чекори во областа на едукација и остручување на младите се осудени на стагнација и пропаст. Уверен сум дека чекорите што ние како држава ги преземаме може да придонесат за развој не само на општеството туку и на поединецот. Ова го истакна заменик-министерот за образование и наука, Лулзум Алиу, на средбата организирана од делегацијата на германското стопанство во земјата, чија цел е поврзување на компании доставувачи од Северна Македонија со компании купувачи од Германија, Грција, Турција и од Австрија.
„Нема да застанеме тука, туку ќе продолжиме да го реформираме образованието со единствена цел, нашите ученици да се стекнат со вештини и знаења потребни на пазарот на трудот за да бидат конкурентни не само во земјата во која се образовале, туку и на светско ниво. Верувам дека со заеднички сили сите ние, кои сме вклучени во овие реформи, ќе успееме да ја подобриме и зајакнеме соработката помеѓу образованието и јавниот сектор за доброто на сите нас“, изјави Алиу заблагодарувајќи ѝ се на делегацијата на германското стопанство, со чија помош пред пет години беше почнат процесот на воведување на програмата за дуални паралелки во стручното образование.
Морам да истакнам, потенцира заменик-министерот, дека фокусот на реформите во средното образование во последните неколку години е ставен врз стручното образование, односно креирање наставни планови и програми во согласност со потребите на компаниите и пазарот на трудот.
Проширувањето на концептот на дуално образование и зголемување на бројот на новоотворени паралелки се покажува како ефикасен и ефективен затоа што учењето директно на работно место во компанија овозможува стекнување практично применливи знаења и вештини и создавање добро подготвена работна сила за настап на пазарот на труд веднаш по завршување на средното образование, но и добро подготвени млади за продолжување во високо образование.
„Бројот на запишани ученици и компании што учествуваат во дуалното образование покажуваат дека се зголемува интересот кај двете страни. Освен привлечните струки и програми што се нудат во стручните училишта, не смее да ја изоставиме и помошта од државата во вид на стипендии што им ги доделува МОН на учениците запишани на техничките и стручните струки во средните училишта“, изјави Алиу.
На средбата беа доделени и сертификати за квалитет на првата генерација од профилот техничар за индустриска мехатроника, образование по германски стандарди.