Алил Демири, кој вчера беше уапсен од косовската полиција по меѓународна потерница за убиствата кај Смилковско Езеро, е ослободен.
Веста ја потврдил неговиот адвокат Бесник Бериша, пренесуваат локални медиуми.
„По приложените докази од одбраната и појасните аргументи дадени на рочиштето на кое беше адресирано барањето на Обвинителството за определување мерка притвор, обвинителот кој го застапуваше предлогот се повлече од барањето. Алил Демири сега е на слобода“, изјавил неговиот адвокат Бесник Бериша.
Адвокатот Бериша и вчера кажал дека притворот и апсењето на Демири е извршено незаконски и претставува флагрантно кршење на неговите законски и уставни права.
Бериша синоќа изјавил дека Демири не може да биде екстрадиран во Република Северна Македонија бидејќи барањето на македонските власти е одлучено и одбиено од косовскиот суд во двата случаи.
„Алил Демири е незаконски уапсен и задржан во притвор, врз основа на наредба на интерпол за предмет кој веќе го води нашиот суд. Барањето на властите во Македонија за негова екстрадиција е веќе одлучено и одбиено од косовскиот суд во двата случаи.
Не може да биде екстрадиран во Северна Македонија и убеден сум дека утре ќе се врати кај семејството и пријателите“, рекол Бериша, пренесуваат косовските медиуми.
„Евентуалното ново побарување што може да го поднесат властите на Македонија е прашање кое неколкупати е судено и постапувано.
Поради оваа причина, неговото апсење и приведување било погрешно и претставува незаконско дело. Тој треба да биде ослободен бидејќи секоја минута помината во притвор претставува флагрантно кршење на законските и уставните права на Алил Демир“, изјавил адвокатот Бериша.
„Тој е, и останува невин за криминалот конструиран и извршен од тајните служби, а за кој зборуваше и самиот поранешен премиер на Северна Македонија“, заклучил Бериша.
Инаку, случајот „Монструм“ е познат во јавноста и е поврзан со петкратното убиство кај Смилковското езеро во април 2012 година, а за ова дело, дел од шестмината обвинети, се осудени на доживотен затвор, а дел на максимална казна.
Ден претходно беше објавено дека полицијата на Косово, во соработка со македонската полиција, во Косово го лишила од слобода 38-годишниот Алил Демири.