
Соопштение на Алијансата за Албанците:
Алијансата за Албанците го изразува својот критички став кон усвоените измени на Законот за прекршоци, во кој е опфатен и проектот „Safe City”, оценувајќи дека тековната примена на овој проект отвора сериозни правни, социјални и уставни прашања.
Селективната примена на проектот „Safe City” само во Скопје, Куманово и Тетово е неправедна и дискриминаторска. Проект кој има за цел да ја зголеми јавната безбедност треба да се применува рамноправно на целата територија на државата, а не делумно и селективно.
АА констатира дека не се спроведува Законот за употреба на јазиците, особено во службената комуникација со граѓаните. Известувањата и санкциите кои произлегуваат од проектот „Safe City” не се обезбедуваат рамноправно на албански јазик, што претставува директно кршење на јазичните права на албанските граѓани и е неприфатливо во една мултиетничка држава.
Бараме ревидирање на висината на казните и на прагот на толеранција. Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но таа не може да се постигне преку непропорционални глоби кои неправедно ги оптоваруваат граѓаните и ја нарушуваат нивната економска благосостојба.
Без никаква грижа за благосостојбата на граѓаните и без да се адресираат овие сериозни правни и уставни недостатоци, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица гласаа казните што произлегуваат од системот „Safe City” да стапат на сила од 1 февруари.
Алијансата за Албанците бара од надлежните институции итно да отворат јавна дебата, да ги коригираат очигледните прекршувања и да обезбедат секој ваков проект да биде во согласност со Уставот, законите и принципот на еднаквост.
Врз основа на ова, Алијансата за Албанците во понеделникот ќе го оспори Законот пред Уставниот суд.
Сличен случај, кој создава јасен правен преседан, е оној со Законот за трето дете, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен. Во тоа време, владата на Никола Груевски настојуваше оваа мерка да ја применува само во неколку одредени градови, претежно со македонско население, со образложение за недостаток на позитивен наталитет. Уставниот суд оцени дека ваквиот селективен пристап го нарушува принципот на еднаквост и е во спротивност со Уставот. Во тој дух, веруваме дека и во случајот со „Safe City”, Уставниот суд ќе се води од уставните одредби и ќе ги поништи законските измени кои се во директна спротивност со Уставот на државата.


