Утрински Весник
Балкан

Албанското собрание со декларација за поддршка на лидерите на ОВК

Zname albanija.jpg

Албанското собрание усвои декларација со која изразува поддршка за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), против кои Специјализираното обвинителство во Хаг побара казни до 45 години затвор. Документот беше изгласан со 92 гласа „за“. Во текстот на декларацијата се наведува дека војната на ОВК била „праведна и легитимна ослободителна борба“, насочена кон заштита на човековите права и самоопределување на народот во Косово. Пратениците оценуваат дека барањата на Обвинителството можат да доведат до „искажување на искривена историска слика“, преку изедначување на, како што се наведува, борбата на ОВК со злосторствата извршени од тогашниот српски режим.

Собранието побара од Специјализираните совети во Хаг да обезбедат фер и непристрасна постапка за Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, со почитување на, како што се наведува, достоинството на ослободителната борба. Во декларацијата се потсетува и на настаните од крајот на 90-тите години, вклучително и интервенцијата на НАТО во 1999 година, која, според документот, ја потврдила легитимноста на борбата на ОВК. Албанскиот парламент изразува солидарност со граѓаните на Косово и семејствата на обвинетите, нагласувајќи дека ќе преземе дипломатски и политички активности на меѓународно ниво со цел, како што се вели, да се зачува „историската вистина“ и да се обезбеди правично спроведување на правдата. Декларацијата беше предложена од координаторот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија, Таулант Бала. Претходно, албанскиот премиер ја оцени одлуката за барање високи затворски казни како „неразумна и неприфатлива“, упатувајќи остри критики и кон обвинителот во Хаг.

Можете да прочитате

На малолетничка и е ампутирана ногата поради трамвајска несреќа во Сараево

Мицотакис нема да присуствува на инаугуративниот состанок на Одборот за мир во Вашингтон

Масовен напад во Софија: Еден загинат, две лица во животна опасност