Поранешниот трофеен тренер на тетовскиот фудбалски прволигаш Шкендија, албанскиот стратег Ернест Ѓока од денеска го презема кормилото на Шкупи. Прволигашот од Чаир, Шкупи се раздели со стратегот Младен Жижовиќ по елиминацијата во Купот на Македонија од Тиквеш, па не чекаше долго да се договори со Ѓока за соработка до јуни 2025 година. -Среќен сум што доаѓам во Шкупи, кој е елитен македонски фудбалски тим. Се надевам дека заедно ќе дојдеме до пет победи во последните пет натпревари од Првата лига, кажа Ѓока, кој има водено повеќе клубови во Албанија, а под негово водство Шкендија ја освои шампионската титула во Македонија во сезоната 2020/2021. Чаирчани на пет кола пред крајот на сезоната се на втората позиција со 55 бодови, три помалку од актуелниот првак и лидер Струга ТЛ.