
Хрватските царински и полициски служби открија една од најголемите заплени на готовина во историјата на земјата, кога на граничниот премин Карасовиќи бил запрен албански државјанин со 702.435 евра скриени во својот автомобил.Заплената се случила при излез од Хрватска, во рамките на засилените контроли што ги спроведувале службениците на Одделот за сузбивање на криумчарење и мобилните единици на Царината во соработка со полицијата од Дубровничко-неретванската област.
При детална проверка на возилото, парите биле пронајдени вешто сокриени во внатрешноста на автомобилот. Албанскиот државјанин не ја исполнил законската обврска да ја пријави готовината, ниту писмено ниту електронски, поради што целата сума е запленета, а осомничениот е приведен и предаден на притворски надзорник.
Според хрватската Царинска управа, оваа акција претставува рекордна заплена на кеш на хрватските гранични премини, а случајот ќе биде предаден на надлежното обвинителство за понатамошна постапка.