
Албанија се соочува со сериозна криза во однос на работната сила. 40% од нејзиниот потенцијал за работа одлучил да го изгради својот живот во странство.
Годишниот извештај на Народната банка на Албанија за 2025 година предупредува на загрижувачките статистики за иселувањето, класифицирајќи го овој феномен не само како социјален проблем, туку и како ризик што влијае на економскиот развој и ја нарушува стабилноста на многу сектори во земјата.
“Алармантно е. Проблемот со иселувањето не е нов, но загрижува неговата долгорочна природа. Иселување не се случува за прв пат. Загрижуваат последиците што ги носи тоа,” вели експертот за социјални прашања Ерис Дамо за „Ора њуз“. Тој додава дека продолжуваат да заминуваат образовани и квалификувани млади луѓе, кои се клучен фактор за економскиот развој, претставувајќи ја енергијата и интелектот на нацијата.
Според телевизиски извори, Народната банка проценила дека пазарот на трудот е во отежнати услови, при што компаниите се соочуваат со структурни недостизи и потешкотии во пронаоѓањето на работници. Иако претпријатијата ги зголемуваат платите за да ги задржат своите вработени, експертите за социјални прашања истакнуваат дека постојат многу други фактори кои ги тераат да заминат.
“Денес имаме покачување на платите, но тие не се конкурентни со ЕУ. За да ги задржиме, мораме да обезбедиме вработување, домување, но и достоинствен живот. Факт е дека имаме зголемено иселување, бидејќи сегашните политики не дадоа резултати. Имаме неколку иницијативи за младите, национални планови, субвенции, но за жал, наместо да се намали, се зголемува нивната миграција,” објаснува Дамо.
Телевизијата нагласува дека, и покрај фундаменталниот структурен проблем на пазарот на трудот, Народната банка на Албанија предвидува зголемување на вработеноста, намалување на невработеноста, како и инфлација во рамките на целта од 3%.

