Утрински Весник
Балкан

Албанија го отвора патот за производство на бродови и борбени беспилотни летала 

Albanija 1.webp.webp

Албанскиот министер за одбрана Ермал Нуфи објави дека албанската влада ја овластила албанската државна компанија за производство и трговија со оружје „KAYO” да преговара и да склучува договори со две меѓународни компании за производство на бродови и борбени беспилотни летала во Албанија, јави Албанската радиотелевизија.

Нуфи ова го изјави по седницата на влада, додавајќи дека двете компании со кои ” KAYO” ќе преговара се италијански, оценувајќи при тоа дека “овој чекор ќе биде поттик за воената индустрија на земјата, како и за создавање нови работни места”.


-Ова е историски чекор, бидејќи за првпат по толку години, во земјата се создадени услови за производство на такви средства. Одлуката беше дискутирана и на заедничкиот состанок на албанската и италијанската влада во ноември 2025 година,рече Нуфи.

Во април 2025 година „KAYO” и италијанската бродоградбена компанија „Fincantieri” потпишаа договор за соработка, со што се означи почетокот на заедничките активности во поморската индустрија. Договорот вклучува производство на бродови во Албанија за потребите на албанската морнарица, но во иднина и за извоз.

Министерот за одбрана зборуваше и за учеството на албанските вооружени сили во меѓународни мисии, дефинирајќи го како доказ за обука на албански воен персонал и активната улога на Албанија како учесник во заеднички интервенции со партнерите.

На прашањето на новинарите дали Албанија ќе дозволи користење на базата на НАТО во Кучово, на југот на Албанија од страна на САД за операции против Исламската Република Иран, Нуфи одговори дека за тоа ќе се одлучи кога ќе се прими такво барање. Тој додаде дека секоја таква одлука ќе биде донесена во целосна координација со сојузниците и во согласност со обврските на Албанија кон НАТО.

Албанија беше примена во НАТО на први април во 2009 година.

Можете да прочитате

Балканскиот рис повторно фотографиран во Националниот парк “Шебеник”

На Србија ѝ се заканува губење на 1,5 милијарди евра од фондовите на ЕУ

Започна рушењето на облакодерот „Вјесник“ во Загреб