
Албана Мустафа од редовите на ДУИ денеска на прес-конференција го алармираше јавноста за, како што рече, „невиден скандал“ во работата на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Според неа, оваа институција наместо да биде во служба на уметниците, станала жртва на политички клиентелизам, непотизам и партиска поделба.
Мустафа посочи дека од над 650 илјади евра распределени за филмски проекти годинава, албанските режисери добиле само 128 илјади евра, а најскандалозно е што ниту еден долгометражен филм на албански автор не бил поддржан, иако биле доставени четири сериозни проекти.
Во исто време, еден македонски режисер добил 309 илјади евра за само еден филм, оставајќи ја албанската уметничка заедница целосно без поддршка во оваа категорија.
Непотизам и сомнителни доделувања
Мустафа како особено спорен го посочи случајот со Јехона Ајдини, сопруга на Халил Лумјани – шеф на кабинетот на вицепремиерот Изет Меџити, која добила 18 илјади евра за проект, иако нема професионално филмско портфолио, освен еден аматерски дипломски филм.
„Јавно прашуваме дали лично Меџити влијаел сопругата на неговиот шеф на кабинет да добие пари од јавни фондови, додека сериозни албански проекти беа елиминирани?“, изјави Мустафа.
Партиски кадри во Управниот одбор
Според неа, скандалозна е и ситуацијата со именувањето на двајца Албанци во Управниот одбор на Агенцијата за филм:
• Шкелќим Ислами, внук на организацискиот секретар на Алтернатива и кадровски шеф на ВЛЕН.
• Менсур Алити, кадар на Движењето БЕСА, предложен директно од градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
„Агенцијата за филм е претворена во партиска испостава каде фондовите се делат на партиски војници и фамилијари на властодршците“, нагласи Мустафа.
Барања
Мустафа побара:
• итна транспарентност и објавување на сите одлуки и образложенија на комисиите,
• оставки на сите кои ја претвориле институцијата во приватна сопственост на партиски елити,
• враќање на Агенцијата за филм во служба на вистинските уметници.
„Културата е за сите, таа не е сопственост на шефови на кабинети и партиски групи на интерес“, заврши Мустафа.