Утрински Весник
Македонија

Активни повеќе пожари, испратена меѓународна помош за гаснење

Pozar.webp.webp

Повеќе пожари сѐ уште се активни на територија на државава од кои најзагрижувачки е пожарот на планината Серта. Државата веќе четири дена е во кризна состојба, а воведена е и целосна забрана за движење во шумите од 6 до 20 часот. Во гаснењето вклучени се и воздухоплови од Турција, Србија, Хрватска, Црна Гора, а вчера и Европската комисија донесе одлука да мобилизира помош за Северна Македонија и Бугарија за гаснење на шумските пожари.

Пожарот на планината Серта сѐ гаснеше од земја и од воздух, но вчера попладне интервенцијата од воздух беше прекината поради густиот чад. 

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов изјави дека воспоставувањето на контрола врз пожарот на планината Серта е исклучително тешко, гори покрај самиот пат, силите се исцрпени на повеќе места, а ефектот од леталата бил добар, но има многу огнени точки. Дополнителен проблем е и кај стрелиштето Криволак.

– Таму се слушаат експлозии, истрели од неиспукани гранати, куршуми и други неексплодирани експлозивни средства од гаѓањата што ги работела армијата во минатиот период. Така што, местото на планината Серта кон самиот полигон Криволак, не е безбедно за дејство од воздух, но не е безбедно ниту за дејство од земја. А безбедноста на луѓето што гаснат е на прво место. Ќе се обидеме со формирање на противпожарни пресеки, онаму каде што тоа го дозволува теренот. Со трактори, булдожери да се изора, да не може огнот да префрли преку нив, изјави Ангелов. 

Штабот за заштита и спасување во Неготино синоќа одржа состанок, а градоначалникот Горан Стојанов информираше дека за денеска е предвидено гаснење на пожарот и од воздух и од копно.   

– Предвидено е вклучување на сите воздухоплови- хеликоптери и „ер трактори“ кои се на располагање за гаснење на пожарот од воздух, а паралелно од копно во активностите ќе бидат вклучени припадници на АРМ, 30 припадници на ЕБР, полицајци од СВР Неготино, пожарникари, од Национални шуми, ловџии и волонтери кои со денови даваат несебичен придонес во гаснењето на пожарот, појасни Стојанов.

Пожарот во Битола, откако вчера претпладне беше ставен под контрола, повторно се активираше попладнето по што интервенираа пет авиони „ер трактори“ и еден канадер. 

Заменик командирот на Територијалната противпожарна единица од Битола, Горан Димкоски, за МИА вчера изјави дека пожарот во Битола е делумно ставен под контрола и е спречено тој да се прошири кон селото Раштани.

Во гаснењето на пожарите од завчера се вклучени два ер трактори и еден хеликоптер од Турција, а вчера од Србија беше испратен противпожарниот хеликоптер Камов Ка-32 со носивост од пет тони вода и седум члена екипаж, а Хрватска испрати канадер со два екипажа. 

И Европската комисија донесе одлука да мобилизира помош за Северна Македонија и Бугарија во справувањето со шумските пожари што ги зафатија двете земји.

Како што соопшти вчера портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и справување со кризи, Балаш Ујвари, со активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во Северна Македонија се распоредени четири хеликоптери и три противпожарни авиони од Хрватска, Словенија, Србија и Турција. 

За помош во справување со пожарите во земјава се испратени еден хеликоптер од Србија, два хеликоптери од Словенија, хеликоптер и два авиони од Турција и авион кој е дел од противпожарната флота на ЕУ стациониран во Хрватска.

– Подготвени сме да мобилизираме и дополнителна помош. Како што знаете во пресрет на летото направивме значителни подготовки, ангажирајќи над 500 пожарникари, 28 авиони и четири хеликоптери за гаснење пожари распоредени низ цела Европа, додаде Ујвари. 

Поради ситуацијата со пожарите од саботата во земјава е прогласена кризна состојба. На располагање се ставени Армијата и полицијата и ресурсите на јавните претпријатија. Кризната состојба, согласно одлуката на Владата, трае 30 дена. 

Претседателката на државата и врховен командант на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова вчера ги посети припадниците на Армијата вклучени во гаснењето на пожарите, а попладнето од страна на Генералштабот беше информирана за нивниот досегашен ангажман.

– Армијата во досегашниот период дејствува со 100 припадници од Вториот пешадиски баталјон и со два армиски хеликоптери МИ-8/17 кои се ангажираат на локации по насоки на Центарот за управување со кризи. Притоа, во првиот ден од активностите на Армијата, исфрлени се 44 тони вода, вчера 17 лета со 34 тони вода и денес до овој момент, 28 лета и исфрлени 52 тони вода. Македонските сили во овој реон дејствуваат со помош од воздухопловите на Турција, Србија и Црна Гора, информираа вчера од Кабинетот на претседателката на државата.

Во логистичка поддршка на екипите при справувањето со пожарите активно на терен е и Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Можете да прочитате

Георгиевски: Никогаш не сме биле толку блиску до ЕУ, треба да направиме само еден безболен чекор

Дурмиши: Пониски цени на над 600 производи за Нова Година

Одбележан Денот на МАНУ – 24info.mk