
На територијата на државата заклучно до 18:30 часот се евидентирани вкупно 16 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, шест се под контрола, а пет се изгаснати. Пожарот кој што попладнево изби на брегот на Преспанското Езеро во близина на село Перово се гаси со еден Ер трактор, а како што посочија од ДЗС, наскоро ќе му се приклучи уште еден.
Пожарот зафати поголема површина на трска и поради ветерот се ширеше со голема брзина кон селото, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Пожарот, како што нагласи Ангелов веќе не претставува опасност за селото, благодарение на пожарникарите од Ресен кои се на лице место но и на локалното население кое дава поддршка.
„Пред малку започна да дејствува еден „ер трактор“ на ДЗС а набргу ќе му се придружи и вториот. „Ер тракторот“ ја пресече линијата на огнот и им помага на силите кои гаснат од земја, да воспостават целосно контрола врз овој тежок пожар кој се закануваше врз неколку села“, подвлече Ангелов.