
Американската и светската јавност се шокирани од атентатот врз Чарли Кирк, инфлуенсер близок до американскиот престедател Доналд Трамп.
Кирк, кој важеше за радикален десничар во јавноста често пати излегуваше со контроверзни ставови на одредени теми.
Зборувајќи за абортусот, чиј гласен противник беше, Кирк во една прилика изјави дека ако силуваните девојки и жени останат трудни од силувачот, тие треба да го родат детето.
„Ако мојата ќерка забремени од силување, треба да го роди детето“ рече Кирк во една прилика шокирајќи го дури и крајните десничари и противници на абортусот.
Но ова не е единствена скандалозна изјава на Кирк.
Тој во својата емисија „Шоуто на Чарли Кирк“ предложи егзекуциите на смртните казни на осудениците да се емитуваат во живо и да им биде дозволено и на децата тоа да го гледаат.
„Смртните казни треба да бидат јавни, треба да бидат брзи, треба да се емитуваат на телевизија. Мислам дека на одредена возраст, тоа е иницијација… На која возраст треба да почнете да гледате јавни егзекуции?“, праша Кирк во својата емисија во 2024 година.
Кирк, заедно со неговите ко-водители Џек Пособиец, Тајлер Бојер и Блејк Неф, продолжија да дискутираат на која возраст децата треба да ги гледаат јавните егзекуции, при што еден ко-водител посочи дека децата треба да имаат дури и 12 години.
„Мислам дека можеби на 12 години, шесто одделение или нешто слично, кога ќе бидеш доволно возрасен…“ рече Неф.
Додека Бојер истакна дека тоа треба да биде на возраст кога некој „може да го прифати значењето“ на погубувањето.
Кирк беше застрелан на настан на Универзитетот Јута Вели во градот Орем во Јута, а почина в болница неколку часа подоцна.