Утрински Весник
Македонија

Агелер: Министерот Лимани треба да одговори зошто не добил виза за САД

Ageler.png

Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет, посочи денеска амбасадорката на САД Анџела Агелер во Центарот за обука на МВР во Идризово на свеченоста по повод предавање на акредитацијата од Меѓународната асоцијација на директори на полициски академии за стандарди и обуки (ИАДЛЕСТ).

Во одговор на новинарско прашање во врска со тоа како ги коментира изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет, Агелер нагласи дека не може да ги коментира, но, како што рече, најважно од сѐ е процесот да се следи на јасен и транспарентен начин.


– Јас не можам да ги коментирам. Многу внимателно ги следиме процедурите во Собранието и изјавите во врска со изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет. Она што е најважно за секој од овие случаи е да се следи на начин што е јасен и транспарентен за сите оние кои го набљудуваат, рече Агелер.

Во врска со одбиеното барање за виза на министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, Агелер упати одговор да се бара кај самиот апликант, посочувајќи дека САД имаат строги закони за приватност и дека не може да коментира прашања поврзани за добивање на американска виза за ниту еден апликант.

– Имаме многу строги закони за приватност во Соединетите Американски Држави и затоа не можам да коментирам какви било прашања за виза за ниту еден поединец. Би ве упатила кај министерот да ви каже за тоа што се случило, но, исто така, ќе кажам дека секој апликант за американска виза, процесот за добивање на американска виза му се објаснува на поединецот, а доколку има нешто дополнително, тоа е исто така објаснето, рече Агелер.

Како што објави вчера „360 степени“, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Влен“, на 11 март требало да присуствува на настан на ОН за жени во Њујорк, САД. Темата била „Зајакнување на промените: Отклучување на трансформативното родово влијание во Западен Балкан и Источна Европа во организација на Молдавија“, а Лимани бил планиран како панелист. Но, Лимани не отпатувал за Њујорк бидејќи бил одбиен за американска виза.

„Причината за ‘пречката за слободно движење’ произлегува од фактот што жртвував сè за да го вратам Али Ахмети (заедно со неговите деца и пријатели) во неговата татковина користејќи начини и средства кои не се дозволени со меѓународното право. Ова нека послужи како потсетник за идните генерации да внимаваат кому му веруваат и за што се жртвуваат, за да не се осудат на вечно ропство. Ако сакате подетално објаснување… кажете му на Али Ахмети да избере дебатна емисија и телевизиска куќа и ќе бидете поинформирани… Движењето и ‘борбата’ за права на својот народ ме ‘осудува’, а вас криминалот и кражбата на вашиот народ“,реагираше Лимани на Фејсбук.

Можете да прочитате

Судија нареди Трамп да ги врати на работа илјадниците отпуштени службеници

Македонија сака да увезува 18 видови отпад

Вајц: Загрижувачки знак на политичко мешање во судството притисокот на членовите на Судски совет да поднесат оставки поради наводна политичка припадност