Утрински Весник
Македонија

Џафери: Земјата мина низ многу премрежија, а пред нас е уште еден предизвик – таканаречениот „Француски предлог“

Џафери: Земјата мина низ многу премрежија, а пред нас е уште еден предизвик – таканаречениот „Француски предлог“

Во изминативе триесетина години, мојата земја, Република Северна Македонија, мина низ многу премрежија на својот демократски развој. Сепак, и покрај сѐ, еве сме денес, земја која ги започнува преговорите со Европската унија за полноправно членство, земја членка на НАТО и лојален партнер на меѓународната заедница. Тоа е секако голема придобивка за нас и за развојот на нашата демократија, порача собранискиот спикер Талат Џафери од Конференцијата за демократија во Европа.

dobivaj vesti na viber

Улогата на парламентот и на парламентарците, во процесот на јакнење на демократијата и владеењето на правото, според Џафери е важна и голема и треба да се работи многу на јакнењето на суштинската демократија која ќе ја чувствуваат граѓаните и конкретно, а не само формално.

„Во 2001 година, се донесоа измени на Уставот со кои еднаквите колективни права на различните етнички заедници се подвлекуваат како едно од основните политички начела на државата. Во 2019 година, по консултативниот референдум за Договорот од Преспа со Република Грција во однос на името на државата, со уставни амандмани се смени името на државата во Република Северна Македонија. Сега, повторно пред нас стои „предизвик“, односно, потреба од нови уставни измени предвидени согласно преговарачката рамка со Европската унија. Тоа е всушност таканаречениот „Француски предлог“ со кој прифативме компромис и се согласивме во Уставот да ја вметнеме и бугарската заедница која живее во Република Северна Македонија. Се надевам дека оваа обврска ќе биде завршена за конечно и конкретно да ги започнеме преговорите со Европската унија“, рече тој.

Оцени дека покрај трите најважни функции како застапувањето на гласачите, донесувањето на законите и надзорот врз работењето на извршната власт преку јавните и надзорните расправи, парламентот има активна улога и во контролата и надзорот над безбедносните служби.

„Јакнењето на надзорната функција на парламентот и парламентарните тела е од примарно значење за неговата делотворност, отчетност и независност. Во насока на јакнењето на делотворноста на парламентарците и демократизацијата на парламентот, во Собранието на Република Северна Македонија донесовме „Етички кодекс за пратениците“, а очекувам низ политички дијалог и взаемен консензус да ги донесеме и измените во Деловникот за работа на Собранието во рамките на Процесот на Дијалогот Жан Моне со уредување на увидените нејаснотии во истиот а кои понатака произведуваат тешкотии во функционирањето на Собранието и одвивањето на демократската дебата.

Во однос на транспарентноста на демократските процеси и отвореноста кон граѓаните, на интернет страната на Собранието на Република Северна Македонија е активирана функционална алатка или „е-прозорец“, каде граѓаните имаат пристап до работата на законодавниот дом и за пријавување за организирана посета на истиот.

Секако, дијалогот меѓу политичките чинители во едно демократско општество има посебно место, како единствен начин во решавање на политичките недоразбирања и усогласување на различните мислења. Парламентот е сепак арена на која се вкрстуваат различните политички гледишта и интереси и сите треба да бидат слушнати. Впрочем, смислата на демократијата е токму во правото на секој парламентарец да учествува во парламентарна расправа и дијалог. Затоа е јакнењето на политичката култура клучна во развојот на демократијата“, рече тој.

Можете да прочитате

ДОМ: Данок за немажени и неженети е спротивен на Уставот и даночната правда

Не сакам да бидам маша во сценарио за изборен пораз – Костадинов нема да се кандидира како независен за Струмица

Онлајн закажување термин за сликање за лични документи и за македонската дијаспора, соопшти МВР