Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, вечерва присуствуваше и се обрати на настан по повод доделување на стипендии за академската година 2023/2024 од Фондацијата Албиз. Премиерот Џафери додели благодарници на најдобрите дипломирани студенти за 2023 година. -Драго ми е што вечерва присуствувам на настан кој е од големо значење за младите. Сакам да упатам честитки на Фондацијата Албиз, за нивното лидерство во промовирањето на општествена одговорност на претпријатијата и филантропијата, преку организирање и промовирање на програми од едукативен, културен, економски и социо-хуманитарен карактер во општеството, порача Џафери и продолжи: Обезбедувањето на економски, социјални и образовни платформи и програми е од голема важност за зајакнување и унапредување на нашето општество и отворање нови можности за младите генерации. Вложувањето во младите, во нивното знаење, е влог во подобрување и усовршување на сите димензии во системот во Северна Македонија. Државата има квалитетни кадри и преку вакви програми се отвораат можности да се спречи одливот на младите кои својата иднина ја бараат надвор од границите на нашата држава. Ова е можност да се создадат конкурентни услови за работа како во европските земји. Стипендирањето на младите за нивно повисоко професионално достигнување и градење во идни квалитетни и конкурентни кадри кои ќе работат во државата и ќе придонесуваат за нејзиниот економски развој и просперитет е од исклучителна важност. Ваквите проекти се поддршка и за нас како Влада во приближување на домашното образование кон европското. Изминативе години, се залагавме квалитетот на домашното образование да ги достигне посакуваните стандарди, и верувам дека тоа ќе продолжиме да го правиме и во иднина, со темелна реформа. Нашите пријатели од меѓународните институции и програми нѐ поддржуваат во правењето на новите етапни промени во образовните програми и исто така, во вложувањето во инфраструктурата. Наш партнер се и активните граѓански организации, фондации и здруженија, за што е потврда и овој убав вечерашен настан. Ова е можност заеднички да го доближиме образованието до европските вредности, како уште една алка од исклучителна важност за успешната европска приказна на Република Северна Македонија”.