Денешната средба со заменик премиерот и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Мукхтар Тилеуберди, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ја започна со уверување дека посетата ќе претставува извонредна можност за размена на мислења и искуства за повеќе прашања од заеднички интерес. При тоа, тој изрази задоволство што билатералните односи меѓу Северна Македонија и Казахстан се карактеризираат со пријателство, меѓусебно разбирање и взаемен интерес за натамошно проширување и продлабочување на тие односи. Ставовите на двете земји во врска со клучните прашања на меѓународната агенда се многу блиски. Северна Македонија ги поддржува иницијативите на Казахстан во меѓународните организации, а соработката на мултилатерален план е особено изразена во рамките на Обединетите нации и ОБСЕ, потврди Џафери.
Во освртот за досегашниот пат на земјата кон ЕУ и НАТО, за предизвиците со кои се соочивме и се соочуваме на тој пат, Џафери изрази надеж дека сето тоа ќе се заврши на најдобар можен начин и конечно ќе ги затвориме сите отворени прашања кои подолг временски период го отежнуваат нашето потполно интегрирање.
Заменик премиерот и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Тилеуберди, изрази задоволство од приемот во Република Северна Македонија и потенцираше дека е почестен од успешната реализација на оваа средба. Тој нагласи дека Казахстан е голем трговски партнер на ЕУ и од тој аспект, и поддржувач на евроинтеграциите на нашата земја. Ја потенцираше и досегашната одлична соработка на двете земји и изрази спремност и понатаму да се продлабочи взаемната соработка на сите полиња, особено на полето на економијата, културата и др.
Тилеуберди му честиташе на Џафери за преземањето на претседателството на ОБСЕ на Република Северна Македонија следната година и изрази очекување за поинтензивна соработка на двете земји, со надеж дека во иднина ќе се продлабочи и парламентарната соработка, особено на ниво на Пратенички групи за соработка.