Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска имаше средба со шефот на мисијата на Европската унија во земјава, Дејвид Гир, кој официјално го предаде Извештајот за напредокот на државата од Европската Комисија.
На средбата покрај претседателот, присуствуваа и, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ДУИ, Арбер Адеми, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пратеникот на Алијанса за Албанците – Атнан Незири и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Амбасадорот Гир, при презентацијата на Извештајот за напредокот на земјата, го потенцираше делот за Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ и како централна институција во која се одвива дебатата на сите политички партии.
Се потенцира дека треба да игра активна и позитивна улога во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Потребни се заеднички и брзи напори од сите партии како приоритетни чекори за зајакнување на улогата на законодавниот дом.
Во него се нотираат очекувањата и важноста од активно вклучување и интерес и во процесот на Дијалогот Жан Моне на сите политички партии во Собранието.
Претседателот Џафери ја потенцираше важноста од доследно спроведување на дело на декларираните евроинтеграциските цели отсликани во партиските програми на сите пратенички групи и претставници на политички партии претставени во Собранието.