
Во првите девет месеци годинава реализирани онлајн трансакции вредни 693,1 милиони евра, што е раст од 30 проценти споредено со минатата година, објави денеска Асоцијацјата за е-трговија на Македонија АЕТМ.
Со македонски картички кон македонски е-трговци се реализирале 338,5 милиони евра, остварен пораст од 18 проценти. Бројот на реализирани трансакции од Македонци кон странски е-трговци се зголемил за 63,2 проценти, додека вредноста за 45 проценти. Просечната трансакција на Македонците кон странските е-трговци се намалила за 11,3 проценти.
Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше најновите објавени податоци за трансакции на места на продажба за е-трговија на Народната банка на Република Северна Македонија, согласно кои, како што информираат, може да се забележи дека во првите три квартали од 2025 година вредноста на вкупните трансакции направени кон е-продажни места од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 42.626,6 милиони денари или 693,1 милиони евра, што преставува пораст од 30 проценти во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 533 милиони евра. Најголем апсолутен дел од растот и понатаму го носат домашните картички користени за купување од домашни е-трговци, каде вредноста на трансакциите порасна од 286,9 на 338,5 милиони евра, односно за 18 проценти. Сепак, се вели во информацијата, најдинамичен раст се забележува кај вредноста која Македонците со своите картички ја направиле кон странски е-трговци во износ од 19.461,2 милиони денари или 316,4 милиони евра што преставува пораст од 45 проценти во однос на истиот период минатата година. Иако во апсолутен износ вредноста на трансакциите со странски картички кај домашни е-трговци е мала, позитивен сигнал за македонската економија е растот од 38 порценти, што ја зголемува вредноста од 27,7 на 38,2 милиони евра.
Покрај растот на вредноста, е-трговијата бележи и значително зголемување на бројот на онлајн трансакции, кој во периодот од првиот до третиот квартал 2025 година достигна 21 милион, што е 30,2 проценти повеќе споредено со истиот период во 2024 година. Најизразен пораст повторно се забележува кај домашните картички кон странски е-трговци, со раст од дури 63,2 проценти, што укажува на зголемена фреквенција на онлајн купувања, најчесто со пониска поединечна вредност. Бројот на трансакции кај домашните е-трговци исто така расте, но со поумерено темпо односно остварени се 10.6 милиони трансакции што преставува пораст од 10,4 проценти во однос на истиот период минатат година.
– Податоците за првите девет месеци од 2025 година покажуваат силно забрзување на е-трговијата и тоа не само со направени онлајн нарачки туку и платени со платежни картички односно остварен раст од 30 прпценти на вкупната вредност на онлајн трансакциите во однос на истиот период лани. Особено изразен е порастот кај трансакциите со домашни картички кон странски е-трговци, каде вредноста е зголемена за 45 порценти, а бројот на трансакции за над 63 проценти. Ефектот на Тему кој има илјадници нарачки дневно се отсликува во овие податоци целосно со оглед дека единствениот начин на плаќање кој до сега се нудеше на платформата беше со платежна картичка и охрабри многу граѓани потикнати од широката понуда, ниските цени и бесплатната достава за првпат да направат онлајн купување со платежни картички. Неодамнешната одлука на Тему да воведе и кеш на достава претставува прилагодување кон локалните навики, но воедно отвора прашање дали овој чекор ќе го забави позитивниот тренд на дигитални плаќања, изјави претседателката на АЕТМ – Нина Ангеловска Станков.
Нерамномерниот пораст на вкупната вредност и бројот на онлајн трансакциите јасно се рефлектира и во просечниот износ по трансакција. Имено просечната вредност остварена за купување со македонски картички од странски е-трговци се намалила за 11,3 проценти и изнесува 34,6 евра, додека кон домашните е-трговци се зголемила за 7 проценти и изнесува 32 евра, а со тоа на вкупното ниво просечната вредност останува иста односно 33 евра.
Во текот на првите девет месеци од 2025 година, регистрирани се 175 новоотворени онлајн продажни места, што, според АЕТМ претставува значаен показател за зголемена понуда и заинтересираност на бизнисите да влезат во е-просторот и да започнат со онлајн продажба.


