Инвестициите и проектите во спортот се важни за промоција на општината во меѓународни рамки, но и предуслов за создавањето на идните спортски таленти.
Аеродром е прва општина што во основните училишта го имплементира спортот текбол. Имплементацијата e резултат на соработката помеѓу Општина Аеродром и Меѓународната текбол-федерација, а која се реализира со поддршка од Македонскиот олимписки комитет.
Во рамките на оваа соработка, градоначалникот Тимчо Муцунски денес прими донација за Општина Аеродром, која вклучува 40 текбол-табли и 80 топки. Освен донацијата, соработката вклучува стручна поддршка за оспособување на наставниците од основните училишта, кои понатаму ќе треба да ги воведат и водат учениците во овој спорт.
Покрај ова, деновиве Општина Аеродром во спортскиот центар „Јане Сандански“ е домаќин на квалификациите за учество на Европските олимписки игри во текбол, кои ќе се одржат в година во Полска.
„Се радувам што токму Аеродром е домаќини на еден ваков настан, но и пионер во воведување нова спортска дисциплина. Силно верувам дека токму од училиштата во Аеродром ќе излезат идните локални, национални и меѓународни текбол-таленти“, истакна градоначалникот Муцунски и упати благодарност до Меѓународната текбол-федерација за реализацијата на денешната донација, но и за меѓусебната соработка и поддршка.