Сите адвокати на обвинетите и првостепено осудени за убиството на Денис Тот најавија жалби на пресудата. Незадоволни се од висината на казната, но и од основот поради кои се осудени, а тоа е кривичното дело убиство. Адвокатот Иле Танев, бранител на првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски, смета дека казната е драконска.
„Секако само што ќе ја добиеме пресудата уште сега најавуваме жалба. Мислам дека пресудата е драконска, казната превисока. Мислам дека една трагедија не се решава со друга трагедија. Ова за нас претставува голема неправда, но не можам да ви кажам на околности на кои ќе поднесеме жалба, затоа што треба да ја добиеме во писмена форма. Веројатно ќе биде во делот на правната квалификација како што најавивме уште на почетокот. Не постои ни најмал сомнеж дека постои овде умисла кај обвинетите, но таков е ставот на судот, и затоа сме тука ние да го оспориме и да поднесеме жалба“, рече Танев.
Тој и покрај ставот на судијката која ги изрече казните, тврди дека немало умисла во случајот, што е потребно за да се исполни битието на делото и да се изрече казната.
„Мислам дека неиздржана е таквата констатација затоа што во моментот кога се случува настанот не постои никаква умисла, а најмалку директна или евентуална, како што тоа го наведува судот. Самиот факт што обвинетите остануваат и му пружаат помош на сега починатиот исклучува секаква умисла. Кои се елементите на убиството кога тие му пружаат помош и остануваат до крај. Не можат да бидат свесни затоа што тој е ракометар, тој е физички подготвен. Со еден удар да убиете ракометар, тоа е апсурд. Имајте предвид дека Анџело има полуинвалидна рака, на која има оштетувања, па ракометарот на еден натпревар сигурно добива десет пати посилни удари, но секако дејството на алкохолот си го направило своето. Можеби ако бил турнат само ќе паднел, но сега тоа е констатацијата. Затоа на сите овие елементи што се наведени ние ќе поднесеме жалба, но по добивањето на пресудата“, додаде тој.
„Задолжително“. Ова е одговорот на Емил Гугутчески, адвокат на Клементина Лефковска, на прашањето дали ќе ја обжали пресудата.
„Не се правилно ценети сите факти. Пресудата ќе биде обжалена во секој случај, оваа казна е превисоко определена.Ссметаме дека спрема нашата обвинета во никој случај не постои кривично дело убиство. Има преземено одредени дејствија – удар, но од нејзинот удар нема настанато смрт во никој случај. Самите видовте од безбедносните камери дека нејзините удари не се такви што би нанеле смрт. Во глава се, меѓутоа од нејзиниот удар не е настаната смрт и смртни последици. Не постои во ниеден момент прекин на ‘рбетниот столб, односно на ‘рбетниот мозок“, вели тој.
И адвокатот Еленко Миланов, бранител на Андреј Костовски, третообвинет, најави дека ќе бара правда пред Апелација.
„Секако ќе ја обжалиме пресудата, како по основот така и по основот на висината“, кажа Миланов.
Сите обвинети добија вкупно 52 години затвор. Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ изрече високи затворски казни за тројцата обвинети за убиството на Денис Тот. Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски е осуден на 18 години. Второобвинетата Клементина Лефковска е осудена на 18 години затвор. Третообвинетиот Андреј Костовски е осуден на 16 години затвор.