Утрински Весник
Спорт

Ајуб Ел Каби – Од сиромашен столар до легенда на Олимпијакос

Elkabi 1.jpg

Ајуб Ал Каби (30) со златни букви се запиша во историјата на еден од најславните грчки клубови. Мароканецот со голот во 117.минута, во финалето на Конференциската лига, на Олимпијакос му го донесе првиот европски трофеј.

Ајуб Ал Каби ја обележа нокаут-фазата во Конференциската лига, во која се префрли Олимпијакос, откако натпреварите во групата, во Лига Европа, во конкуренција на Вест Хем, Фрајбург и ТСЦ од Бачка Паланка ги заврши на третото место.

Мароканецот во деветте натпревари во нокаут-фазата постигна 11 голови. Импресивни беа неговите настапи во полуфиналето против фаворитот Астон Вила. Олимпијакос го доби двата натпревари со 4:2 и 2:0. Од шестте гола против Вила, Ел Каби постигна пет.

Ајуб Ел Каби е искусен фудбалер, веќе има 30 години, но за љубителите на фудбалот на Стариот континент е релативно непознат, бидејќи во Европа за прв пат играше дури во 2021 година и тоа за малиот турски клуб Хатај.

Тој не е непознат во Мароко, но во последните години е целосно заборавен. Познато е дека е роден во Казабланка во сиромашна населба каде во младоста работел како столар за да преживее.

„Роден сум во скромно семејство. За да се издржувам, морав да научам занает. Така станав столар“, изјави тој во едно интервју за мароканските медиуми.

Но фудбалот отсекогаш бил негова голема љубов. Со текот на времето, талентот на Ајуб Ел Каби стануваше се повидлив и чекор по чекор стигна до репрезентативниот дрес.

Играше и на Светското првенство 2018 во Русија, но тогаш Мароко беше елиминиран во групната фаза.

Четири години подоцна, не беше меѓу патнците за Катар, каде Мароко блескаше, беше сензација на Мундијалот и го освои четвртото место.

На голема врата се врати со преселбата во Олимпијакос во 2023 година се врати и во националниот тим.

Головите во Лигата на Европа и Лигата на конференцијата го ставија во преден план. Сезонава постигна дури 16 гола во европските натпреварувања – пет во Лига Европа и 11 во Конференциската лига, каде што е најдобар стрелец на натпреварувањето.

Можете да прочитате

И второто злато на ОИ 2024 за Кина

Ѓуретановиќ не го исплива неговото најдобро време на Олимпијадата во Париз

Кинеската стрелачка репрезентација го освои првиот златен медал на Олимпијадата 2024