Утрински Весник
Македонија

Прва награда за Македонката Сара од Голо Брдо на литературниот конкурс во Охрид по повод 24 Мај

Прва награда за Македонката Сара од Голо Брдо на литературниот конкурс во Охрид по повод 24 Мај

Тирана, 26 мај 2020 (МИА) – На литературниот конкурс по повод 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, распишан од страна на општина Охрид, првата награда и припадна на Сара Џелили, Македонка од Голо Брдо,пренесува македонскиот
весник „Илинден“ од Тирана.

Таа наградата ја доби за литературната творба „Свети Кирил и Методиј – наши први учители“.

Свети Кирил и Методиј – наши први учители

Денес пишуваме на овој
благословен јазик,
ги цртаме на платно
тие свети букви,
букви кои пред многу векови
ги создадоа двајцата браќа.

Вие проширивте божествено знаење,
низ свети мисии.
Вие тргнавте
со благ збор и
благослов од Бога,
мракот го осветливте.

Вие браќа просветители,
светата мисија
до Охрид ја донесовте.
Преку вашите ученици,
вашата мисија се исполни.

И денес Охрид ви е благодарен,
над себе држи ваш благослов
сигурен и заштитен
тој сјае.

Вие сте нашите Кирил и Методиј,
Апостоли славни,
кои нам ни дадовте,
подарок најубав
азбуката словенска.

Денес ни е празник
на сите заедно.
Денес ние славиме,
денес е ваш празник.
А ние вашите потомци
благословени од вашето знаење,
со гордост и чест
ги славиме вашите дела.

Горделиво стоите во нашиот град,
а ние сме горди на вашиот труд.
Вечна ви слава
создаватели на словенската азбука!

Сара е по потекло од селото Требиште, област Голо Брдо, а живее во Елбасан. Ученичка е во трети клас во ОУТУ „Ванчо Питошески“ – Охрид и е еден од стипендистите на македонската Влада. Член е на Mакедонско друштво „Илинден“- огранок Голо Брдо и дописник на истоимениот македонски весник.

Во 2019 година таа е добитник на Благодарница „Илинден“ за особен придонес за македонското национално малциство во Република Албанија и придонес за друштво „Илинден“.Таа секогаш освојува високи награди за поетски творби под менторство на професорот по македонски јазик и литература,
Перчо Божиновски.

-Достојно чекориме по патот кој светите браќа Кирил и Методиј одамна ни го покажаа оставајќи епохално
просветителско значење за Македонија, Европа и светот. На највеличествен начин преку македонската реч оддаваме почит на нивното дело. Наша обврска и аманет е да го продолжиме нивното дело, да продолжиме да ги негуваме и чуваме македонскиот јазик, македонската традиција и македонскиот
идентитет, изјавила таа за весникот „Илинден“. вт/ев/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Од утре времен режим на ул.„Беличица“, почнуваат работите за реконструкција

Заврши доказната постапка во случајот за убиството на Вања и Панче – на 2 јуни завршни зборови

Палевски достави извештаи за мобилен и банкарска картичка: „Времето на снимките е поместено“