Гостивар, 24 мај 2020 (МИА) – Поетесата Надица Тренчева ја доби Гран при наградата на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри”. Манифестацијата оваа година се реализира „он лајн“ преку социјалните мрежи.
Седмото издание на Меѓународен поетскиот фестивал „Литературни искри” денеска беше заокружено со обраќањата кои беа пренесувани преку социјалните мрежи и интернет платформи. Финалистите читаа по една нивна песна и ја поздравија работата на жири комисијата која работеше во состав: претседател Бранко Цветкоски и членовите Весна Ацевска и Габриела Петроска.
Победниците на последнето издание ги соопшти, координаторот на фестивалот Слаѓана Брезовска.
Наградата ГРАН ПРИ на „Литературни искри” 2020 ја освои поетесата Надица Тренчева од Кавадарци. Првата награда му припадна на Милчо Мисоски од Струга, втората награда на Славица Урумова Марковска од Скопје, а третата ѝ припадна на Емељ Туна од Скопје.
Наградата, најуспешна млада поетска искра му е доделена на петнаесет годишниот Антим Атанасоски од Битола, а за најдобар странски автор е прогласена Наталија Георгиева Иванова од град Лом, Република Бугарија.
Наградените поети ќе добијат плакети и книги, а на останатите застапени автори во заедничката поетска збирка ќе им бидат доделени дипломи. Признанија за нивната работа ќе добијат и менторите на финалистите во категоријата до 18 години.
– Од песните на 175-те автори кои ги прочита жири-комисијата, најпрво беа селектирани четириесетина за објавување во фестивалското печатено издание. Од нив, потоа беа издвоени шест поетски искри за награди, кои најуверливо демонстрираат естетски резултати и можат да бидат мотивирачки за учесниците на следните фестивалски изданија. Нивните поетски светови се тематски и стилски разновидни, возбудливи и естетски заводливи. Тие, уште еднаш покажуваат дека денес, во современата поезија, нема еднонасочни тенденции и правци, дека секој автор самостојно, свесно или интуитивно, го синтетизира своето естетско кредо како основа на која ќе ги поставува своите естетски градби. На сите нив им посакуваме добредојде во нашиот јазик и за сите нив ја споделуваме желбата за натамошни творечки успеси, истакна Весна Ацевска член на фестивалското жири.
Фестивалот беше збогатен со музички дел во кој настапија дел од членовите на македонскиот рок состав „Ареа”
Годинашното издание се одржа во вонредни околности, заради кризата која ја предидивика пандемијата.Реализацијата беше поддржано од неколку гостиварски компании и претпријатија.
Поетскиот фестивал Литературни искри се одржува во чест на 24 мај, денот на првите македонски просветители Светите браќа Кирил и Методиј. згм/ев/