Пехчево, 24 мај 2020 (МИА) – Пехчевското село Црник е единственото село во источниот дел од нашата држава каде Турци, Македонци и Роми без никакви предрасуди и годинава заеднички ги слават и почитуваат празниците без разлика на верската припадност.
Заедничкото одбележување на празниците според Усаин Кампелезов, жител на селото, е традиција која долги години постои во селото.
-Празниците се она што не спојува, заедно славиме сите. Рамазан Бајрам и Велигден е време кога и Македонци и Роми и Турци се заедно. Тие доаѓаат кај нас, за нивни празници ние одиме кај нив. Велигден и Бајрам заеднички ги празнуваме, а и не само тоа, секоја една веселба ни е заедничка, вели Кампелезов.
Во селото во моментот, како што додава, поради полицискиот час е мирно и прв пат празнувањето на Рамазан Бајрам ќе биде во кругот на семејството.
– Иако живееме во време кога има ограничување во движењето и годинава оние што се куќа до куќа си одат на гости и го почитуваат празникот. Сепак мора да признаеме дека заради коронавирусот годинава вообичаеното празнување ќе изостане, додава Кампелезов.
Тој ги поканува селаните на парче баклава без која е незамислива прославата на Рамазан Бајрам. На сите жители на Црник од муслиманска веросиповед им посака среќен празник со вообичаениот поздрав Мубарек Олсун. вс/цр