Утрински Весник
Македонија

Учителството во вонредни услови се редефинира со поголема посветеност

Учителството во вонредни услови се редефинира со поголема посветеност

Прилеп, 24 мај 2020 (МИА) – Повеќе од два месеца, а така ќе биде до крајот на учебната година, училниците се празни, ама компјутерските екрани со часови секојдневно отворени. Учењето и учителството се пред огромни предизвици.

Одделенскиот наставник Наташа Мирческа од прилепското училиште „Кочо Рацин“ 15 години е во просветителството. Пролетва, вели, и таа учеше со децата. Пресудно е знаењето, а не петките. Многу е битен односот наставник-ученик-родител.

-Учењето на далечина, во вакви услови, покажа дека наставникот е подготвен за предизвик, кој крајна цел има – пренесување знаења. Од друга страна, учениците и родителите кои го прифатија овој предизвик, мислам дека се свесни и сфатија дека – не се пресудни петките. Најбитно е знаењето. Односот ученик- наставник – родител е „свето тројство“. Сите ние влеговме во една голема непознаница и сакавме, се обидовме да стигнеме до одредена цел – да ги промениме нашите навики. Да најдеме начин да пренесеме знаењата – и мислам дека успеавме, вели Мирческа.

Со овој начин на учење од дома, на површина излегоа маните, но и добри работи.

-На површина излезе тоа што нашето образование, за жал, сѐ има на хартија, но кога е во прашање практичното знаење, сме слаби. Ова нѐ затекна сите: нас како наставници, и учениците, особено родителите.. На учениците им се потребни вештини. Знаењето да го преточат во практична работа. Да може, со она што го знаат, во секој момент да одговорат на одредени потреби. Но, и покрај сите тешкотии што учениците ги имаа да се приспособат на овој начин, сепак „влегоа во филмот“. Интересно им е, исполнителни се. И мислам, на задоволство ќе ја завршат оваа учебна година, објаснува Мирческа.
Сега добриот учител или наставник има дополнета дефиниција.

-Сега учителот, наставникот, треба да биде многу информиран, секогаш подготвен да учи, секогаш да биде подготвен да прифаќа предизвик, макар и на сопствена штета, да знае да признае дека греши и да знае да побара помош и од учениците. Да се развие партнерскиот однос со учениците и главно – не да се учи за петка, туку за знаења, смета Мирческа.

Овие месеци имало необични, и не ретко смешни ситуации. На пример, час по физичко.
Не се знае како ќе биде наесен, ама сега постои, барем, првичното искуство за настава од далечина. Неопходни се реформи и Министерството да одреди рамки за работа, посебно за оценување.

– Се надевам дека надлежните ќе направат соодветна рамка да ни го олеснат начинот, не на комуникација, туку на оценување. Можеби ќе имаме комбиниран начин, или можеби, конечно, ќе дочекаме училниците да се опремат. Потребни се реформи, но не на хартија. Потребни се практично да ги покажеме и од нив да произлегуваат други квалитети. Да не ни биде пресуден успехот на тестот, туку стекнатото знаење. Па, ако знаеме што направиле сесловенските просаветители Кирил и Методиј пред речиси 12 века, без ништо, а нашите можности денес се неограничени, тогаш не треба да има проблем. Треба да бидеме храбри и да изнајдуваме начин да дојдеме до целта. А тоа се знаењата, вели Наташа Мирческа, одделенски раководител од прилепското основно училиште „Кочо Рацин“. ем/ир

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег