Скопје, 24 мај 2020 (МИА) – Претседателот на СДСМ Зоран Заев во свое лично име и од името на СДСМ упати честитка до граѓаните по повод 24 мај – денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј.
– Со своето големо дело Светите браќа им го отворија патот на словенските народи, кон описменување, го поставија темелот на писменоста со што дадоа голем цивилизациски придонес, се вели во честитката од Заев.
Поради нивниот придонес, обединувачки пораки и мисии, посочува, ги славиме денеска ние, но, се слават и ширум светот, а веќе се дел од европското културно и духовно наследство.
– Со нивната успешна борба за признавање на словенското писмо и јазик, Св.Кирил и Методиј го афирмираа правото на еднакво признавање на секој јазик, помогнаа за културно и духовно прогледување на многу народи ширум светот, се вели во честитката од Заев.
Во чест на Светите Кирил и Методиј, порачува, стотици милиони луѓе ширум светот пишуваат на писмо именувано како кирилица, за чие ширење е најзаслужен нивниот најпознат ученик, Свети Климент Охридски, основоположникот на Охридската книжевна школа.
– Нека ни е честит денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј, стои во честитката на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. аа/цр/