Утрински Весник
Македонија

НАкС: Образованието и науката ги создаваат решенијата за справување со кризата

НАкС: Апсурдно е ректорот на УКИМ да се повикува на слободата на синдикалното здружување и отворено да застане зад префериран синдикат

Скопје, 24 мај 2020 –

Соопштение по повод денот на сесловенските просветители

Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, воедно и патронен ден на најстариот универзитет во државава и на сите просветни работници, оваа година го дочекуваме во невообичаени околности – вонредна состојба, затворени училишта и факултети поради кризата предизвикана од корона вирусот.

Пандемијата го освести светот дека животот, во буквална смисла, ни зависи од пожртвуваноста на здравствените работници, квалитетот на научно-истражувачките установи и стручноста на професионалците од различни области, кои се посветени во решавањето на низа проблеми кои ги предизвика корона вирусот. Политичарите и јавноста ги очекуваат решенијата во оваа криза од овие луѓе, чии знаења и вештини се градени од во образовните системи и не се стекнати преку ноќ.

Ефектите од корона вирусот кој го затекна целиот свет неподготвен и во голема мера ги надмина границите на здравствена криза, во нашата земја повторно ги исфрли на виделина наталожените проблеми во сите степени на образованието и науката. Недостаток на информатичка опрема, речиси никаква дигитализација на едукативните и научните ресурси, непостоење на однапред подготвени процедури и протоколи за работа на управните тела на образовните институции во случај на криза од каков било вид. Образовните институции и кадарот се препуштени да импровизираат во on line наставата, неретко без институционална поддршка и меѓусебна координација. Сепак, како што стручните лица во медицинските установи со натчовечки напори ги вложуваат сите свои знаења за да се справат со ситуацијата, така и професорите и наставниците, заедно со студентите и учениците даваат сè од себе да одговорат на предизвиците.

Од друга страна, Владата, наместо да го поддржи научно-образовниот систем, се обиде да ги скрати платите во високото образование и науката, како еден од „секторите без кој се може“. За да не дојде до тоа, на површина за првпат излезе солидарноста на синдикатите, вклучително и на НАкС, во борбата економските проблеми да не се решаваат на грбот на работниците и сиромашните. Потценувачкиот однос кон образованието кулминираше со ставот на министерот Арбер Адеми, кој во време додека се отворени коцкарници и трговски центри, а се планира и одржување избори, го забрани испитувањето на студентите во живо, а потоа ретерираше под притисок на јавноста. Дали е нужен притисокот на јавноста за владата да ја разбере улогата на образованието во нашето општество?

На овој важен ден порачуваме дека е крајно време образованието и науката да се стават во прв план и државата да сфати дека поддршката и вложувањето во овие дејности е најисплативата инвестиција што може да се направи на подолг рок. Таа инвестиција не претставува само издвојување финансиски ресурси, туку подразбира и создавање структури, креирање долгорочни политики, вработување на талентираните дипломирани млади луѓе, а пред сè градење систем на вредности. Само со сериозна инвестиција во образованието и науката ќе ги создадеме луѓето и изградиме капацитетите на институциите што ќе можат да се носат со бројните предизвици кои ја чекаат државата и светот.

На просветните работници им го честитаме празникот и патрониот ден, потсетувајќи дека борбата за подобри услови за работа и повисок стандард мора да продолжи. За да бидеме успешни во таа борба мора да бидеме паметни, истрајни, но пред сè, обединети!

Независен академски синдикат

__________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Панел-дискусија за родова еднаквост и спречување на насилството врз жени и девојчиња

Апасиев со обвинувања за валидноста на дипломата на директорот на АНБ

СДСМ: Полицијата потфрли во превенција на скандалозните настани, Тошковски се уште никаде го нема