Утрински Весник
Македонија

Мицкоски потврди дека од надлежниот во МВР барал да се реши случајот „Теретана“

Мицкоски: Избори не може да има до 30 јули, ако Владата сака да исполни дел од мерките од вториот и третиот сет

Скопје, 22 мај 2020 (МИА) – Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска потврди дека го побарал надлежното лице во МВР за случајот „Теретана“ и оти побарал да се почитува законот и побрзо да се реши случајот со цел македонската јавност да биде точно запознаена со вистината.

Телефонскиот број го побарал од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и инсистирал, како што кажа, тоа да биде кадар поставен од претходниот министер за да не се испостави дека тие нешто злоупотребуваат во МВР.

-Откако го добив бројот од надлежното лице, му пратив порака со содржина: Здраво, би сакал да се слушнеме, Христијан Мицкоски. И таа порака јас ја чувам. Потоа, конкретното лице ми се јави и го замолив сѐ да биде според закон и побрзо да се реши овој случај. Бидејќи сметам дека сум следен, прислушуван, еве ги охрабрувам да го објават разговорот и македонската јавност да ја слушне вистината, рече Мицкоски на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Мицкоски потенцираше дека бара разговорот да биде објавен за јавноста да види што навистина разговарал тој со надлежниот во МВР, притоа наведувајќи дека нема намера никого да тужи.

-Нема да тужам никого, ниту човекот со кого разговарав, ниту техничката заменик-министерка, ниту МВР. Ве молам извадете го разговорот и нека види јавноста што е, бидејќи конструиравте таква ситуација, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски кажа дека како јавна личност за него било очекувано да има конструкции од политичките противници.

Лидерот на опозицијата рече дека ќе се јавува секаде и секогаш за да се дознае вистината, како што направи околу превозот на македонските граѓани од странство на почетокот на епидемијата кога му се јавил на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

Мицкоски потврди дека се познава со Александар Верушевски, синот на Зоран Верушевски кој е советникот за безбедност во Владата, кој тајно го снимал Зоран Заев летото пред четири години.

-Да, се познавам со Александар Верушевски. Тој е грижлив родител и посветен сопруг. И она што можеби е значајно да го знае македонската јавност – тој е и голем патриот, рече Мицкоски на прес-конференција. ев/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим

61- годишна жена го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија

Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј