Делчево, 22 мај 2020 (МИА) – Поради актуелната состојба со вирусот Ковид-19, откажани сите планирани културни настани по повод празникот посветен на сесловенските просветители солунските браќа Кирил и Методиј, кои се патрони на градот Делчево.
Откажувањето на планираните настани согласно со Програмата за култура за 2020 година, како што истакна делчевскиот градоначалник Горан Трајковски е обврска на Општина Делчево и придонес кон зачувување на колективното здравје, но, Делчево секогаш го слави 24 Мај со посебен пиетет.
-Испраќам честитка до сите граѓани на Делчево по повод претстојниот празник на градот, кога се слават светителите заштитници на Делчево. Во ова време на здравствена криза, здравјето на сите граѓани е приоритет, а како општина имаме обврска и секогаш го ставаме здравјето на сите, пред сè друго. Планираните настани ќе ги одржиме наредниот период со подобрување на состојбата, истакна Трајковски.
Тој потенцираше дека Делчево со почит се поклонува на светителите Кирил и Методиј гордо славејќи ги како заштитници на градот носејќи од дамнина почит кон светителите.
-Сакам да потсетам дека на предлог на неговото преосвештенство, митрополитот Брегалнички, Иларион, Делчево ги добива словенските браќа светите Кирил и Методиј за свои светители. Тој воден од идејата за поврзаноста на Делчево како град низ кој тече Брегалница и со Брегалничката мисија, со описите на амбиентот во Панонските легенди и со фактот дека во Источниот регион, каде се врзува делото на Кирил и Методиј, Делчево немаше свои светители заштитници, го даде предлогот овој светол ден, Денот на светите браќа, Кирил и Методиј да бидат патрон на градот со тоа овекувајќи нѐ и вечно нераскинливо врзувајќи нѐ за името на сесловенските просветители, додаде Трајковски.
Во Делчево првата црква посветена на солунските браќа, била срушена во 1961 година, а денес интензивно се гради кровната конструкција на новиот соборен храм посветен на светителите на градот кој со својата габаритност и архитектонско решение, ќе биде црква единствена во регионот. Средствата за изградба на фасадата на црквата која заврши минатата година, како и кровот на црквата, се донација од пријателот на Делчево, д-р Милен Врабевски и неговата фондација, а дел се средства собрани од донатори од Делчево. вс/нд/