Штип, 21 мај 2020 (МИА) – Почнаа градежните работи за поставување на цевковод до светиниколското село Горобинци, со што се решава неколкудецениски проблем за жителите од оваа село да добијат стабилно водоснабдување.
Градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски вели дека цевководот се поставува од месноста Дивљак до селото Горобинци во должина од 4,5 километри. Изведувач на градежните работи е ЈКП Комуналец, а вкупната инвестиција е 2.500.000 денари, обезбедени од сопствени средства на општината.
– Со ова дефинитивно започнуваме со ревитализација на системот „Дивљак“ каде обезбедивме дополнителни 5.000.000 денари или вкупно 7.500.000 денари од сопствени средства. Претходните власти успееја да потрошат 2.5 милиони евра народни пари, но тој беше оставен на забот на времето и вон функција, истакна Велковски.
Тој додаде дека како локална власт обезбедиле средства целиот овој систем постепено да се стави во функција.
– Со него решаваме голем проблем, не само на жителите од Горобинци, туку и на жителите од повисоките подрачја на Свети Николе кои за време на летниот период имаат проблем со водоснабдувањето, нагласи Велковски. вдј/бак/