Битола, 20 мај 2020 (МИА) – ЈП „Стрежево“ – Битола кое стопанисува со истоимената акумулација денеска почна да испорачува вода за наводнување на земјоделските површини во Пелагонија.
Високите дневни температури ја зголемија потребата од вода и таа се дистрибуира низ развиената хидро-мрежа, истакна Методија Граматковски, генерален директор на ЈП „Стрежево“-Битола.
-Главниот канал и главните цевководи се подготвени за наводнување. Акумулацијата во подрачјето на дејствување е подготвена за навремено и квалитетно наводнување на земјоделските површини и се очекува успешна наводнителна сезона. Хидросистемот во моментот е со солидни количини вода и ќе обезбеди доволно вода за реализација на планот за наводнување за оваа година, посочи Граматковски.
Од денеска до 1 јули во тек е пријавувањето за склучување договори за испорачување вода на заинтересираните земјоделци и тоа се врши во наплатниот центар во рамки на управната зграда на ЈП „Стрежево“ во Битола. мт/мч/