Утрински Весник
Економија

Туризмот меѓу најпогодените гранки во Малешевијата

Туризмот меѓу најпогодените гранки во Малешевијата

Берово, 19 мај 2020 (МИА) – Со откажани аранжамани и празни капацитети, во Малешевскиот регион започнува една од полошите сезони во туризмот. Како што информираат од поголемите туристички капацитети во Берово и Пехчево, поради здравтствената криза, сите аранжмани од мај до август се откажани, што сопствениците ги става во незавидна положба, поради „нула“ приходите кои ги имаат.

– Се што беше закажано од странски и домашни туристи е откажано до август. Практично од месец март досега немаме никакви приходи од таквите аранжмани. За жал состојбата продолжува, што уште повеќе ја прави катастрофална сезоната, велат сопствениците на поголемите капацитети од беровско и пехчевско.

Како што додаваат, освен отсуството на туристите поради состојбата со Ковид-19, повеќе од два месеца не се одржуваат никакви собири од типот на семинари и друг вид на организирани настани, што дополнително ја влошува состојбата.

– Не очекуваме и по завршувањето на здравствената криза тоа да се подобри. Да не звучиме негативно, но и фирмите кои ги правеа тие семинари се економски ослабнати, така што и овој дел од услугите по завршувањето на кризата очекуваме да бидат намалени, додаваат туристичките работници.

Од двете малешевски општини Берово и Пехчево потврдуваат дека туризмот во Малешевијата е во многу тешка состојба, заради што планираат наскоро на заедничка средба да се дебатира со сопствениците на поголемите туристички капацитети за подобрување на оваа состојба.

– Факт е дека поради здравствената криза се откажани сите аранжмани во хотелите. Она што можеме да го направиме за да влијаеме за подобрување на оваа состојба е да апелираме со олабавувањето на мерките, туристите да ја посетуваат Малешевијата, а ние со сопствениците на капацитетите да изнајдеме и други алтернативи за подобрување на состојбата со туризмот, децидни се од двете општини.

Засега како минимално олеснување за туристичките капацитети, општините ги намалија или целосно укинаа таксите за користење јавен простор, мерка која најверојатно ќе биде продолжена и во наредниот период. вс/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст