Скопје, 18 мај 2020 (МИА) – Стимулирање на приватната потрошувача кон домашни производи и домашни услуги, предвидува мерката „викенд без ДДВ“ која преку добро контролиран систем може да се спроведе како дополнителен приход на стопанството но и помош за граѓаните.
Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека оваа мерка може да се спроведе преку веќе активната апликација Мој ДДВ која овозможува да ги скенираме сите сметки, а веќе го имаат инсталирано над 300 илјади корисници.
-Тоа значи дека апликацијата овозможува да се постават одредени лимити, колку сметки, во кои сектори, колкав ќе биде повратот, дали ќе биди 100 проценти повратот за одредени производи и сето тоа ќе биде овозможено бидејќи апликацијата функционира, се со цел да се спроведе тој викенд со поголем поврат на ДДВ во насочени сектори кон домашна портрошувачка на домашни производи и услуги, појасни вечерва Ангеловска на Топ тема на Телма.
Во однос на можноста за злоупотреба на оваа мерка, министерката истакна дека тоа би било возможно доколку не постоеше технологијата и дека лимитите за повратот на „викенд без ДДВ“ ќе бидат познати откако добро ќе се разработи целиот проект.
Според членот на ВМРО-ДПМНЕ Трајкои Славески оваа мерка е бесмислена и дека со овој „викенд без ДДВ“ најмногу ќе се помогнат поимотните граѓани, а најмалку ќе им користи на граѓаните кои трошат на добра и услуги каде има или повласетена или нула стапка на ДДВ. бк/ац/