Дебар, 18 мај 2020 (МИА) – Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука, на денешната прес-конференција, што ја одржува секој понеделник, епидемилошката состојба во Општината ја оцени како стабилна.
-Повеќе од еден месец немаме новозаразени лица со Ковид-19, па може да се оцени дека состојбата и понатаму е стабилна. Немаме лица во изолација, а во самоизолација се 14 лица, кои претходно биле во државен карантин во Струга, рече Дука, кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб.
Информираше дека безбедносната состојба е добра и оти во изминатата недела се регистрирани само две сообраќајни незгоди, за среќа без жртви и пожар во селото Горно Косоврасти каде изгореја осум плевни со дел од добитокот.
Дука посочи дека од Јавното комунално претпријатие „Стандард“ е информиран дека воведуваат четиричасовна рестрикција во снабдувањето од 13:00 до 17:00 часот, поради зголемената потрошувачка на водата за пиење, условена од несовесноста на граѓаните кои ја злопуотребуваат за наводнување градини, миење дворови, тротоари па дури и улици.
-Ние како општина имаме превземено активности пред појавата на пандемијата и сме се договориле со експети од оваа област да се изработи проект за решавање на проблемот со водата за пиење во нашиот град. Веруваме со реализиација на проектот кој предвидува изградба и на нов резервоар проблемот да биде надминат, рече Дука.
Градоначалникот Дука апелираше до граѓаните и до сите правни субјекти, кои почнаа со работа, строго да ги почитуваат препораките и мерките на надлежните за спречување на проширувањето на пандемијата. вт/вг/