Скопје, 15 мај 2020
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ја демантира веста изнесена на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ од страна на портпаролот на партијата, г-дин Наум Стоилковски. Веста, со која тој посочи дека Фондот за иновации и технолошки развој ја поддржал инцијативата „Дигитални услуги за сите” поради поврзаноста на Асоцијацијата со министерката за финансии, Нина Ангеловска ја карактеризираме како лажна и невистинита.
Она што е најважно, а со цел објективното информирање на јавноста, е дека министерката за финансии Нина Ангеловска по нејзиниот избор за министер, од 02.09.2019 година не е на ниту еден начин поврзана со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и нејзината мината функција е целосно во мирување додека ја извршува јавната функција како министер за финансии, за што постојат уредно заверени документи.
Асоцијацијата е основана од 5 правни субјекти како здружение на работодавачи и во истата моментално има повеќе од 70 членови и подржувачи со кои заеднички ја градиме сликата за е-трговија во нашата држава.
Во насока на транспарентно и објективно информирање на јавноста и нашите над 70 членки и партнери, цврсто стоиме зад фактот дека станува збор за проект со кој АЕТМ аплицираше на регуларен начин на јавен повик, како и сите останати апликанти во Јавниот повик „Креатон” за креирање на дигитални алатки и решенија за полесно и поквалитетно справување со здравствената криза во државата. Притоа, мошне значајно за целата ситуација е да се знае дека откако апликацијата беше позитивно оценета од страна на комисијата составена од членови од МАСИТ, Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија, УНДП, УСАИД, УНИЦЕФ и други партнери и експерти, беше побарано да се достави и прашалник за проценка на ризикот, по кој комисијата процени дека не постои никаков ризик и поврзаност.
Во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија може да членува секое правно и физичко лице кое има заеднички цели со целите на Асоцијацијата, а истите се темелат на придонес за раст и развој на е-трговијата во нашата држава.
Оттука секое нејзино поврзување е груб обид за ширење на лажни вести, манипилирање на граѓаните и ширење на дезинформации за кои Асоцијацијата ќе активира правни механизми. Воедно, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се стреми кон инклузивна е-трговија без разлика на полова, верска или етничка припадност или пак, политичка определеност на вработените, членовите и поддржувачите. Затоа, секое поврзување на Асоцијацијата со било која политичка партија или со било каква друга изјава спротивна на инклузивноста, ја сметаме за нарушување на угледот на вработените и на сите нејзини членови и поддржувачи.
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија посветено повеќе од две години ја извршува својата работа за придонес кон едукација и развој на е-трговијата во нашата држава и соодветно со тоа секогаш наоѓа начин како нејзината цел да ја сподели со пошироката публика и да придонесе за развој на нашето општество во процесот на дигитализацијата. Нејзината улога стана уште позначајна и видлива во кризава каде е-трговците дадоа значителен придонес.
Со оглед на тоа што сите ние, во овие моменти се соочуваме со исклучително тешка ситуација во која се наоѓаат сите граѓани на државата, најљубезно замолуваме за воздржување од ширење на дезинформации и непроверени информации, а воедно очекуваме и јавно извинување за нарушување на угледот на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Асоцијација за е-трговија на Македонија
___________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.