Прилеп, 15 мај 2020 (МИА) – Прилепскиот кризен штаб денеска ја разгледа ситуацијата со заразата од корона вирусот. Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, градот има три нови случаи на заразени, а двајца новоозравени.
-Во текот на изминатото деноноќие се регистрирани три нови случаи на заразени со коронавирус и два оздравени. Во моментов на инфективното оддление во градската болница, се хоспитализирани 21 пациент, од нив позитивни се 16, а за пет се чека резултат. Триесет и шест граѓани се на домашно лекување. Вкупно, од почетокот на пандемијата,193 наши сограѓани се заразиле со коронавирусот, од нив 63 се активни случаи, а се оздравени 118 лица и има12 смртни случаи. Вкупната бројка на извршени тестови изнесува 906, изјави Јованоски.
Јованоски децидно ги отфла секаквите паушални, тенденциозни изјави за нови жаришта во градот.
-Никој нема право, да стигматизира и да дискриминира една етничка заедница, дека токму тие се најпогодени од коронавирусот, во случајот Ромите од населбата Тризла. Сакам да потенцирам од болеста подеднакво се погодени граѓаните од сите етнички заедници: Македонци, Роми, Турци и останатите, изјави Јованоски.
Прилеп продолжува со спроведувањето мерки за заштита на колективното здравје на граѓаните. наредниов викенд градот ја продолжува акцијата за дезинфекција на улиците, јавните површини и на зградите во градот.
Јованоски информира дека комплетно е завршена постапката за субвенционирање на инвертор клими и за набавка на велосипеди.
-Во текот на следната недела, Општината на трансакционите сметки на сите граѓани кои ги исполниле условите на Јавниот повик, ќе им ги префрли средставата за набавените клими и велосипедите. Во текот на наредната недела, ќе ја распределиме донацијата од 100 таблет- компјутери, кои тетовското семејство Дестани преку компанијата „Еколог“, ги донираше за учениците од социјално загрозените семејства од Прилеп, рече Јованоски.
Јованоски ја нагласи пораката до граѓаните да се придржуваат до мерките и препораките на Владата, на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести и да не се злоупотребува олабавувањето на мерките. Јованоски со порака до граѓани од над 67-годишна возраст, особено оние со хронични болести, и покрај олабавувањето на мерките, што помалку да ги напуштаат своите домови и на тој начин да се заштитат себеси и своите семејства. ем/сст/