Утрински Весник
Македонија

Град Скопје апелира да не се палат стрништата, продолжува акцијата за бесплатно подигање остатоци од берба

Град Скопје апелира да не се палат стрништата, продолжува акцијата за бесплатно подигање остатоци од берба

Скопје, 15 мај 2020 (МИА) – По застојот поради пандемијата од коронавирусот, Градот Скопје ја продолжува кампањата за бесплатно собирање на остатоците од берба за да се спречи палењето на стрништата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување и ги повикуваат граѓаните да ја искористат оваа поволност.

Како што соопштија од Град Скопје, заинтересираните граѓани може да се јават на телефонскиот број 071/ 395 – 395 и да договорат бесплатно подигање на органскиот отпад.

-Оваа кампања годинава ќе го опфати целиот Скопскиот плански регион, зашто сите жители на котлината го дишат истиот воздух. Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, Град Скопје како дополнителна мотивација годинава нуди можност секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад. Овој проект ќе опфати и компостирање на собраниот материјал во објект во сопственост на Градот Скопје, наведуваат од Градот.

Минатата година, се наведува, оваа кампања првпат беше организирана од Град Скопје со поддршка од УНДП и МДЦ-Ти.нет и даде одлични резултати, при што бесплатно подигање на отпадот од бербата побараа над 120 жители на Скопје, а со тоа беше спречено палењето на околу 700 кубни метри органски отпад.

Оваа година, во кампањата за спречување на палењето стрништа се вклучи и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на различните земјоделски култури. Во кампањата се вклучи и Халк Банка со поддршка на промотивните активности.

Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата, но и да се спречи ширењето на евентуални пожари кои неретко предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи. вг/дма/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме