Гевгелија,15 мај 2020 (МИА) – Владиниот план за намалување на рестриктивните мерки за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот доследно ќе се применуваат во општина Гевгелија, едногласно одлучи Општинскиот штаб за заштита и спасување на последната седница.
Разгледувајќи го Планот, штабот донесе заклучок сите гевгелиски сопственици на објекти и дејности опфатени со првата олеснителна фаза на рестриктивните мерки да постапат и да ги применат мерките од протоколот, а пак на надлежните служби им наложи да продолжат со мониторингот за доследна примена на протоколите.
Штабот одлучи градскиот пазар во Гевгелија да продолжи да работи со примена на заштитните мерки и со дозвола, покрај гевгелиските производители на земјоделски култури и продавачи на текстил, свои производи да изложуваат и продавачи од општините Богданци, Валандово и Дојран.
Задолжителната дезинфекција на улиците и јавните површини во градот и населените места ќе продолжи според утврдениот план, а на станбените заедници им е посочено самите да организираат дезинфекција на влезовите во зградите.
Барањето за поставување Луна парк во Гевгелија беше одбиено бидејќи се уште важат рестриктивните мерки за групни собирања. им/скс/