Утрински Весник
Македонија

Ако едно училиште користи обновливи извори, планетата се спасува од 400 тони јаглероден диоксид

Ако едно училиште користи обновливи извори, планетата се спасува од 400 тони јаглероден диоксид

Сите јавни институции, особено училиштата, како и колективните згради и куќите, треба да добијат вистинска шанса да се ориентираат кон обновливи извори и да ја искористат енергијата на сонцето за производство на електрична енергија. Домаќинствата и јавните установи се едни од најголемите потрошувачи на енергија, покажува Стратегијата за енергетика, што пак, придонесува за тоа нивниот јаглероден отпечаток да биде огромен. Последиците од искористувањето на „нечиста“ енергија произведена од фосилни горива е погубна за нашата планета, заради што во најскоро време мора да се преориентираме на одржливи решенија. Стратегијата за енергетика 2040, во две од трите сценарија, предвидува целосно напуштање на јагленот како енергенс и премин кој обновливи извори на енергија.

За да се создадат вистински услови за тоа, потребна е децентрализација на енергетиката со која директно на граѓаните ќе им се овозможи да ги почувствуваат бенефитите од сонцето, сметаат во невладината организација „Гоу грин“. За таа цел ќе мора да се менува Правилникот за обновливи извори на енергија, кој дозволува инсталирана моќност само од 20 КВ, иако потребите на објектите се многу поголеми. Во моментов во тек е кампањата за „Училишта на сончева енергија“, која се однесува на 130 средни училишта во земјава со барање тие да станат енергетски ефикасни пасивни објекти.

„Во нашата држава има вкупно 130 средни училишта, а само едно испушта околу 400 тони јаглероден диоксид. Јаглеродниот отпечаток е огромен, а проценето е дека 4.415 дрвја се потребни за да го апсорбираат ЦО2 од само едно училиште. Апелираме за пасивни училишта кои се енергетско-ефикасни, користат струја и греење од обновливи извори на енергија и со тоа го елиминираат испуштањето на СО2. На пример, средното училиште „Никола Карев“ во Скопје, има две згради. Едната има кровна површина од 500 квадратни метри, што значи дека може да се инсталираат околу 80 КВ фотоволтаични модули, и тоа годишно ќе произведува околу 96 мегаватчасови. Другата зграда има површина од околу 1.600 квадратни метри, и на таа може да се инсталираат 270 КВ, и би произвело годишно околу 400 МВч. Значи на двете згради може да се инсталираат 350 КВ и на годишно ниво може да произведуваат 496 МВч. Но, моменталниот правилник за ОИЕ ограничува инсталација на моќност до 20КВ. Апелираме да се зголеми или ослободи тоа ограничување бидејќи ќе се зголеми интересот од школите да инвестираат во соларни фотоволтаици, бидејќи ќе има поголема исплатливост“, вели Антонио Јовановски од „Гоу Грин“

Ангела Најдоска, електроинженер во областа на обновливи извори, смета дека Правилникот за обновливи извори на енергија мора да се измени за да стане атрактивен за јавните објекти. На тој начин ќе се искористат нивните веќе постоечки кровови или фасади за поставување фотоволтаични системи, а нема да мора да се создаваат нови соларни полиња и на тој начин да се сечат шуми или да се користи плодна земја. Измените, според Најдоска треба да одат во насока да им се дозволи на јавните објекти да инсталираат фотоволатични системи со капацитет на производство над 20КВ, бидејќи тоа е енергија потребна за четири до пет домаќинства, а училиштата имаат многу поголеми потреби.

„Јавните објекти имаат многу поголема површина која е погодна за инсталација на фотоволтаици. Кога би имале можност да се инсталираат поголем капацитет од 20КВ, тие ќе произведуваат електрична енергија за своите потреби, а вишокот ќе може да го продаваат на дистрибутери на електрична енергија, а со тоа ќе добијат и приходи. Така и училиштата ќе се мотивираат да инвестираат во фотоволтаици и затоа бараме од надлежните институции да дозволат на училиштата да може да инсталираат поголем капацитет на фотоволтаици,“ истакна Најдоска.

Посочува дека постои предлог да се оформат енергетски задруги во кои ќе членуваат сите граѓани на општините и ќе бидат еден вид акционери во инсталирањето на ваков тип на објекти. Смета дека со зголемувањето на квотата за инсталирана моќност и воведувањето обврска за снабдувачите на електрична енергија да ја откупат вишокот енергија, инвестициите би се отплатиле многу побрзо, а економскиот и еколошкиот бенефит за граѓаните би бил огромен.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ