Утрински Весник
Македонија

Полицискиот час покажува колку сообраќајот навистина влијае врз аерозагадувањето во Скопје (инфографик)

Полицискиот час покажува колку сообраќајот навистина влијае врз аерозагадувањето во Скопје (инфографик)

„Мета.мк“ продолжува со истражувањето на влијанието на сообраќајот врз квалитетот на воздухот во Скопје. Токму епидемијата со корона вирусот изминатава пролет овозможи уште еднаш да се докаже дека намалената фреквенција на скопските улици довела до намалување на присуството на ПМ-2,5 и ПМ-10 честичките и азотниот двооксид во скопскиот воздух во текот на април 2020 година.

ЈП „Улици и патишта“ до „Мета.мк“ ги достави податоците од Центарот за управување и контрола на сообраќајот во Скопје за фреквенцијата на движење на возилата на три крстосници за периодот од 6 до 12 април 2020 година, при што идентичните три локации ги споредивме со еднонеделниот период од 18 до 24 март 2019 година. Ваквите податоци покажуваат дека фреквенцијата на возила била намалена за 2 до 2 и пол пати во април 2020 година во однос на идентичниот период лани.

На крстосницата меѓу булеварите „Партизански одреди“ и „Св. Климент Охридски“ кај Соборниот храм, во еднонеделното мерење на почетокот на април биле избројани вкупно 99.209 возила. Наспроти ова, за периодот од една недела на крајот од март на 2019 година на истата локација поминале 184.819 возила, односно двојно повеќе од годинава.

На крстосницата меѓу улиците „11 Октомври“, „Даме Груев“ и „Филип Втори“ кај Собранието, во периодот меѓу 6 и 12 април 2020 година биле регистрирани 117.659 возила, додека на истата локација на крајот од март 2019 година автоматските бројачи избројале два и пол пати поголем сообраќаен метеж.

Речиси идентични податоци се добиени и за третата локација кај Зоолошката градина на крстосницата меѓу булевар „Илинден“ и улицата „Френклин Рузвелт“. Во април 2020 година, на оваа крстосница поминале 92.769 возила, додека една година порано, поставените бројачи избројале вкупно 235.738 возила.

Намалената фреквенција на возила за два до два и пол пати на скопските улици во екот на корона кризата ја споредивме со податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање за мерењата на квалитетот на воздухот во Скопје во април 2020 година, наспроти идентичниот месец лани. Податоците покажуваат дека загадувањето на воздухот годинава било помало и до една третина во однос на минатата година.

Најопасните честички што се испуштаат во воздухот – ПМ-2,5 честичките на мерните станици во Центар и Карпош во април 2020 година биле намалени и до една третина, како просек од среднодневната концентрација за целиот месец. На мерната станица во Центар, намалувањето на ПМ-2,5 честички во април 2020 година изнесувало 25,7 отсто. Просекот за април 2020 бил 20,12 микрограми на метар кубен, додека за април 2019 тој изнесувал 29,08 микрограми на метар кубен.

На мерната станица во Карпош, просекот од мерењата на среднодневната концентрација на ПМ-2,5 честичките во април 2020 изнесувал 19,39 микрограми на метар кубен, додека во април 2019 тој бил дури 26,09 микрограми на метар кубен. Овде треба да се спомене дека максимално дозволената концентрација на ПМ-2,5 честичките во воздухот е 25 микрограми на метар кубен. Следствено на ова, намалената фреквенција на сообраќајот, како и помалата индустриска активност во периодот на корона вирусот, придонеле за доведување на присуството на ПМ-2,5 честичките во рамки на дозволените граници.

Речиси идентични податоци се добиени и за присуството на ПМ-10 честички во скопскиот воздух. На мерната станица кај Ректорат, просекот за април 2020 година изнесувал 33,01 микрограми на метар кубен, или далеку под границата на дозволените 50 микрограми на кубен метар. Наспроти ова, просекот за април 2019 година изнесувал 45,43 микрограми на кубен метар, односно годинава имало намалување на присуството на ПМ-10 честичките за 27,3 отсто на оваа мерна станица.

Мерењата на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека минатиот месец само три дена на мерната станица Лисиче и два дена кај Ректорат биле надминати дозволените среднодневни концентрации на ПМ-10 честички. Наспроти ова, во април 2019 за неколку пати е поголем бројот на денови во кои била надмината дозволената граница на присуство на ПМ-10 честичките во воздухот. Само на мерната станица кај Ректорат, во април 2019 ова се случило девет дена, додека во Центар и Карпош по пет дена во месецот. Треба да се напомене дека мерните станици во Лисиче и Гази Баба не работеле во текот на април 2019 година.

Податоците за присуството на азотниот двооксид (NO2) покажуваат дека не е надмината граничната вредност на ниту една мерна станица во Скопје во двата споредбени периода. Кај Ректорат, во април 2020 година е забележено зголемување на среднодневната концентрација на NO2 во воздухот во однос на истиот месец лани, но затоа пак обратниот случај е регистриран кај мерните станици во Лисиче и Карпош. Во секој случај, дозволената едночасовна гранична вредност од 200 микрограми на кубен метар на NO2 не е достигната на ниту една мерна станица.

Загадувањето на воздухот во Скопје од сите студии е докажано дека произлегува од неколку фактори, а не само од сообраќајот. Сепак, мерењата во април 2020 година покажуваат многу пониски среднодневни вредности на температурите во споредба со истиот месец минатата година, кога времето било потопло. Ова значи дека токму годинава затоплувањето на просториите им било повеќе потребно на граѓаните и на компаниите, но и покрај ова, измерените податоци за април 2020 година покажуваат намалување на аерозагадувањето со ПМ-2,5, ПМ-10 честичките и азотниот двооксид.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека бројот на регистрирани возила во Скопје континуирано расте од година во година. Државниот завод за статистика забележал 149.484 автомобили регистрирани во главниот град, бројка која што постојано расте. Само лани во земјава биле увезени речиси 49.000 возила, од кои над 41.400 се половни возила, покажуваат податоците на Царинската управа на РСМ.

 

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен

Ведро и студено, преку денот сончево

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер