Утрински Весник
Македонија

Кумановската болница доби донација – уред за дезинфекција со УВ зраци

Кумановската болница доби донација – уред за дезинфекција со УВ зраци

Куманово, 14 мај 2020 (МИА) – Кумановската општа болница денеска доби донација, уред за дезинфекција со УВ зраци. Донацијата е од Меѓународниот Славјански Универзитет од Свети Николе и иноваторите кои го конструирале уредот кој ќе се користи за дезинфекција на просториите. Уредот е мобилен, ефикасен, безбеден за ракување. Во болницата, уредот за почеток ќе биде даден на инфективното одделение.

-Со оглед на фактот што Куманово беше еден од најпогодените од Ковид 19, иноваторите и Универзитет решија да дојдат и да ни донираат и нам еден ваков уред. Се работи за уред со кој се дезинфицираат просториите и не само од вируси, туку и од сите инфективни агенси. Да им се заблагодарам што ни донираа ваков уред и да им посакам комерцијален успех, бидејќи, сметам дека ова ќе биде стандард за дезинфекција на поголеми простории, изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.

Ректорот на Меѓународниот Славјански Универзитет, Ленче Петровска, рече дека студентите во овој период го искористиле да истражувачка дејност, дека Универзитетот ќе продолжи да донира и ќе  ги поттикнува студентите и во иднина да истражуваат и да донираат.

Иноваторите, Ивица Боцков и Никола Глигоров, појаснија дека уредот е мобилен, има сопствено напојување, силни увц лампи и за 15 минути може да дезинфицира просторија до 50 квадрати, а за микроорганизмите за 30 минути, се контролира од далечина и е безбеден за лицата кои управуваат. И во иднина ќе продолжат со изработка на уреди за да се покријат што е можно поголем број на здравствени установи.

Доктор Азиз Бајрами, инфектолог во кумановската болница вели дека овој апарат за одделението е исклучитено значаен, бидејќи е безбеден. На инфективното одделение, додаде д-р Бајрами, хоспитализирани се осум пациенти, од кои поголем процент жени и поголем процент од рурални средини.

-Има слободни места, веднаш се земаат брисеви, пациентот се обработува. Сега, засега, стабилна е состојбата на одделението, за разлика од претходниот месец. Тие што доаѓаат веќе се потврдени случаи, денеска и вчера немавме нов случај. Екипирани сме и јас бев инифициран со вирусот, добри сме сега, функционираме, изјави Бајрами.

И директорката Захариева вели дека во Куманово најголем број на пациенти имало од втората половина на март и првата половина на април. Од моментално хоспитализиранте, информираше, само двајца се позитивни, додека останатите шест се негативни, но се лекуваат бидејќи им е продолжена терапијата до потполно излекување. Таа потсети дека претходно функционирале два оддели, во некои моменти имало и по 35 хоспитализирани пациенти. ам/оџ/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!

Лукаревска: Со гордост ја напуштам функцијата, на Фани ѝ посакувам успех во зацврстувањето на социјалдемократските вредности