Скопје, 14 мај 2020 (МИА) – Интензивно се работи на подигнување нови зелени површини, при што се поставуваат и системи за наводнување. Во изминативе две години, засадени се 1.560 метри квадратни нови тревни површини и 643 висококвалитетни дрвја во Карпош. Добро е што активностите во сферата на заштита на животната средина продолжуваат да се реализираат и покрај пандемијата со Ковид– 19.
Ова денеска го истакна градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев на е-конференција во организација на Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој (CeProSARD), во рамки на проектот „Чиста енергија за чист воздух“.
Како што соопшти Општина Карпош, покрај тековното зголемување на зеленилото, интензивно се работи и на два паркови кои ќе претставуваат една целина, од Алпинистичката карпа до бунарите на реката Лепенец. Тука ќе се добие Спортско – адреналински парк, а децениските депонии веќе се минато.
– Целосно го израмнивме и теренот кај бунарите на реката Лепенец, заедно со градските јавни претрпијатија. Добиваме нов парк на повеќе од 60.000 метри квадратни, добиваме ново белодробно крило за Карпош и Скопје, рече Богоев.
На е-конференцијата, градоначалникот Богоев се осврна и на други активности кои Општината ги реализира во областа на екологијата. И покрај тоа што се исцрпија субвенциите за велосипеди и електрични тротинети, Општината ќе ја разгледа можноста при ребаланс на Буџетот, пред Советот, да се предложи уште една серија на субвенционирање на овие алтернативни превозни средства. .
На онлајн конференцијата се обрати и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. Со поддршка од оваа институција се постави ново зеленило и систем за наводнување во училиштето „Војдан Чернодрински“ (на Млечен), а ќе се продолжи со уредување на училишните дворови и на „Петар Поп Арсов“ (Карпош 4) и „Христијан Тодоровски – Карпош“ (Карпош1). мд/сп/