Управниот суд во Скопје донесе одлука во полза на концесионерот за рудниците во Иловица, „Еуромакс Рисоурсес“ чие барање за дозвола за експлоатација на минерални суровини лани беше одбиено од страна на Министерството за економија. Со ова решение, Управниот суд ја поништува одлуката на Второстепената владина комисија која минатата година во октомври ја одби жалбата на Еуромакс на одлуката за одбивање на барањето за дозвола за експлоатација.
Управниот суд донесол вакво решение уште на 31.03.2020 но до сега ниту на веб страницата на судот, ниту во јавноста немаше никакви детали. За овој предмет во Управниот суд решавал судски совет во состав: Марта Телегравчиска – претседател на советот, Рамије Цара и м-р Ѓоко Живковски.
Откако вчера Еуромакс се јавно се пофали за ваквата одлука на судот на својата веб-страница, јавноста бурно реагираше и по големиот притисок, претседателот на судот Бурим Сејдини денеска објави соопштение во кое се вели дека судот донел вакво решение и истото е јавно достапно.
Судот ја усвоил тужбата од Еуромакс и донел вакво решение сметајќи дека Второстепената владина комисија најпрво требало да решава по претходно поднесеното барање од Еуромакс за спојување на двете концесии кои ги поседувале, па потоа да одлучува по барањето за дозвола за експлоатација на минерални суровини.
Струмичките екологисти кои се борат против отворањето на рудникот за бакар и злато Иловица во струмичкиот крај, вчера го обвинија Управниот суд во Скопје дека ја крие својата пресуда во полза на бившиот концесионер на рудникот, канадската компанија „Еуромакс Рисоурсес“ и дека се работи за потег со коруптивна заднина.
„Мета.мк“ побара став од Министерство за економија за судската пресуда, но оттаму до објавувањето на текстот, сè уште не е пристигнат одговор.
Од политичката партија ДОМ сметаат дека одлуката на Владата за раскинување на договор за концесија за рудникот Иловица била правнички чиста одлука и отворено се сомневаат дека во случајот со сокриената пресуда во полза на канадската компанија, Еуромакс Рисоурсис се крие корупција.
Тие ја повикуваат Државната комисија за спречување на корупција да постапи по допрен глас и да се заинтересира дали се крие корупција зад ваква скандалозна пресуда и кој се е вклучен во неа.
„Ја побаравме пресудата на официјалната страна на Управниот суд, за да дознаеме врз база на какви „аргументи“ е поништена една правнички чиста одлука, која беше основа и за одземање на концесијата од страна на Владата, но, не можевме да ја најдеме, па ќе ја бараме по службен пат, велат од ДОМ.
Од Еуромакс, пак, велат дека „нема да ги коментира легалните процедури што се во тек во независниот судски систем на Република Северна Македонија“.
Оттаму додаваат дека нивна цел била да ги изградат рудниците за бакар и злато и одговорно да оперирале со рударскиот комплекс Иловица – Штука. Според Еуромакс, изградбата на рудниците е „win – win проект од заемен интерес и во корист како на инвеститорите, така и на националната економија и граѓаните на Република Северна Македонија“.
„Време е за бунт“, објавија на својата Фејсбук страница активистите на Здрава котлина коментирајќи ја ситуацијата со пресудата на Управниот суд во полза на концесионерот, против кој локалното население се бореше со протести и блокади минатата година.
„Време е за активни и радикални мерки“, стои во реакцијата на Здрава Котлина, „почнувајќи од корумпираните судии, па потоа функционери и политичари“. Тие ги повикаа граѓаните да се подготвуваат за отпор против Еуромакс и нивните платеници.
„На терен врие од незадоволство и револт кај локалното население“, вели Ѓорѓи Танушев, еко-активист на Здрава Котлина. „Сметаме дека одлуката за раскинување на договорот за концесија за Иловица беше правно издржан и базиран на важечките закони, но ако навистина имало повреди на процедурата кои можат да ја соборат одлуката на Владата, можеме да се сомневаме само дека тоа било направено намерно“, вели Танушев. Засега нема најави за протестни собирања на локалното население на селата Штука и Иловица.